Фото: РК Еурофарм Пелистер
На ден пред почетокот на подготовките, актуелниот првак на Македонија, ја откри добро чуваната тајна, името на тренерот што ќе ја води екипата следната сезона.
На кормилото на битолчани застанува Рубен Гарабаја, шпански тренер кој и засега е повеќе познат од неговите играчки отколку тренерски денови. Фановите на Вардар на пример можеби ќе се сетат на дуелите од 1/2 финалето на Куп на купови од 1998 година кога 202 високиот пикер Рубен Гарабаја прв пат дојде во Македонија, тогаш како играч на Адерар Леон.
Шпанија е најголемиот произведувач и извозник на тренери, тоа е непобитен факт, нивните успеси не се занемарливи и доминираат и со бројка и со резултати во светскиот ракомет. Нивниот систем функционира, тоа го имаме веќе видено и со нивните тренери кои работеа во Македонија.
Ниту еден шпански тренер си нема заминато од Македонија без шампионски пехар, а двајца од нив Раул и Парондо заминаа и со шампионски пехар од ЛШ.
Битолчани продолжуваат по ланските патеки. Раул Алонсо со замина со освоениот пехар од Суперлигата и остави неговиот наследник да го брани тронот.
Нема ниту една причина да не веруваме дека Гарабаја може да го повтори успехот. Него работата и би требало да му е полесна затоа што екипата една година играше со шпански тренер и времето за адаптација е сигурно значително намалено.
Битолчани веројатно утре ќе го промовираат во живо, денеска за пошироката јавност објавија повеќе детали за својот нов кормилар.
Проектот на Еурофарм Пелистер продолжува онаму каде што застана на крајот од минатата сезона. Клубот како шампион на Македонија и учесник во Лигата на шампионите утре ќе ги започне подготовките за сезоната 2025/26 и пак тимот му е доверен на шпански стручњак.
По спогодбената разделба со Раул Алонсо, клубот одбра сличен модел на млад и амбициозен тренер од Шпанија за продолжување на растот на процесот. Рубен Гарабаја Аренас е нов тренер на Еурофарм Пелистер за следнaта сезона, со опција за продолжување на уште една ако двете страни се согласни.
Трофејно шпанско име од играчките денови и млад стручњак со голем потенцијал денеска доаѓа во Битола и утре првпат ќе прозива во спортската сала „Боро Чурлевски“.
Гарабаја има 46 години и полна витрина медали и одличја од богатата играчка кариера.
Играше 168 пати за шпанската репрезентација на позиција кружен напаѓач, постигна 318 гола и освои светска титула од Тунис 2005 година, сребро од Европскиот шампионат во Швајцарија следната година, бронза од Олимписките игри во Пекинг во 2008 година и Мундијалот во Шведска во 2011 година. Рубен Гарабаја доаѓа од Астурија, кариерата ја започна во Адемар Леон (освои Куп на Кралот и ЕХФ Куп на Купови), играше за Фригорификос де Моразо и Ваљадолид, за 2007 година да го облече дресот на Барселона.
Со Барса освои три АСОБАЛ лиги, два Купа на Кралот, а играше и во финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2009/10. Од 2010 до 2018 година настапуваше за Натухаус Ла Риоха од Логроњо, клуб во кој ја заврши играчката и ја започна тренерската кариера.
Гарабаја тренерскиот занает започна да го бруси во Логроњо како асистент тренер во 2018 година. Три години остана во Натурхаус Ла Риоха и го прифати првиот меѓународен предизвик како селектор на женската репрезентација на Кина.
Во 2021 година го на покана на Роберто Гарсија Парондо работи како асистент тренер во египетската репрезентација. Во овој период од две години освојува злато од шампионатот на Африка и сребро од Медитеранските игри.
Во 2022 година почнува самостојна тренерска кариера во шпанскиот клуб Синфин Сантандер, каде што работеше се до повикот од Битола.