-
06.9.2025
-
Македонски ракомет
фото: Роберт Спасовски/ насловна Филип Вирановски
РК АЛКАЛОИД - ТСВ ХАНОВЕР БУРГДОРФ 28-29 (14-14)
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (3 одб), Галевски (13 одб), Џонов, Тордарсон 7, Серафимов, Карасманакис 1, Стојковиќ 2, Ѓоргиев 2, Велковски, Симоноски, Ивановски, Костески 5, Петковски, Митев 2, Борзаш 8, Аларов 1
Седмерци: 1/5 Исклучувања: 4 мин.
ТСВ ХАНОВЕР БУРГДОРФ: Бирлем (17 одб), Гаде, Тисие 2, Поулсен 7, Орлов 1, Стенхаузер 5, Михалчик 3, Ахо 1, Штуцке 1, Солстад, Фишер 8, Фајзе, Вебер, Родригез
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 12 мин.
Алкалоид не успеа да се пласира во групната фаза на ЕХФ Европската лига. Предноста од првиот натпревар што ја имаше германскиот состав беше превисока, но тоа не беше пречка за вечерва двата тима да прикажат уште една врвна претстава.
Видовме ракомет по бундеслигашки стандарди, нешто што македонската публика во живо многу ретко има шанси да гледа.
Германците поведоа 2-0 по промашен седмерец и шут од крило, но Алкалоид се врати на 2-2 по пет минути игра со голови на Карасманакис и Костески.
Следуваше исклучување на Карасманакис и пенал за Хановер по што гостите одново беа во водство. Голманот Бирлем продолжи во стилот од првиот меч, ја запиша втората одбрана во шестата минута, а на своите им овозможи напад по кој дојдоа до 4-2.
Натпреварот имаше брз ритам, во кој гостите одржуваа минимална предност, а Алкалоид бркаше израмнување во следните минути.
Но, Германците не грешеа, успеваа да ги искористат сите шанси и по 15 минути поведоа со 9-6, а Кирил Лазаров побара тајм аут.
Како функционира бундес-машина во живо, имавме можност да видиме во следните минути во кои стигнаа и до плус шест (12-6)
Следеа минути за Алкалоид кој намали на 9-12 и промаши очи во очи ситуација за да намали на минус два, а потоа промаши и седмерец при истиот резултат.
Жесток беше ритамот, Алкалоид покажа дека може да се носи и со бунделигашки ракомет, иако нивниот главен хендикеп во дуелот со Хановер е неискуството во играње на натпреври со екипи што играат ваков стил на ракомет.
Но, борбеноста беше на ниво, па македонскиот состав успеа да ја анулира негативата и на одмор се замина со резултат 14-14, а притоа и двата голмана имаа по девет одбрани.
Хановер почна подобро во вториот дел, постигна три гола по ред и поведе со 17-14, па повторно го стави на тест карактерот на момците на Лазаров.
И следеа три ефектни гола за израмнување 17-17, а потоа и прво водство за Алкалоид. По ова Дамјан Митев погоди за 19-17 во 39 минута од натпреварот, а Стојковиќ за 20-18 во 40 минута. Имаше и пенал за плус три македонскиот тим, но тоа остана најголемата болка на двомечот. Тоа беше трет промашен од вкупно четири досудени на овој натпревар до моментот.
И така место плус три, Германците намалија на минус еден, па следеше промашување и во следниот напад веќе беше нерешено.
Потоа следеше игра гол за гол, а Хановер се врати во водство (23-22) во 46 минута од мечот.
Следеше нов пресврт, 24-23 за Алкалоид, па одново игра гол за гол.
На четири минути до крајот, Хановер поведе со 29-27 откако Алкалоид го промаши и четвртиот пенал од вкупно пет до тој момент.
Имаше можност најмалку за реми Алкалоид во финишот, но промаши уште еден шут од изгледна позиција во финишот на натпреварот и во последниот напад германскиот тим го потроши времето бранејќи ја минималната предност.
Поврзани вести