-
07.9.2025
-
Македонски ракомет
Фото: РК Алкалоид/Филип Вирановски
Скопската премиера во ЕХФ Европската лига против Хановер воедно беше и последниот меч за РК Алкалоид на европската сцена сезонава. Со (конечно) победничкиот пехар од ЕКФ Куп во витрината во Автокоманда, екипата на Кирил Лазаров се збогуваше со ЕХФ Европската лига синоќа, откако на своите фанови, а и на целата македонска ракометна или спортска јавност им сервираше меч што нема брзо да го заборават, а аплаузите од трибините по натпреварот не беа куртоазија, туку заслуга.
Системот, филозофијата и стилот на игра кој битно се разликува од фолклорниот македонски ракомет беа демонстрирани низ 60 минутна битка со топ тим од најсилната лига во светот. Напад за нерешено во последните 30 секунди, со таков бундеслигашки тим и тоа со четири промашени седмерци низ натпреварот и противнички голман со 17 одбрани е статистички податок кој ја погодува целта.
Дилеми, веќе не би требало да постојат, РК Алкалоид игра ракомет достоен за Европа и го промовира македонскиот ракомет од поинаков агол. Најголемиот хендикеп е недостатокот на многу повеќе вакви натпревари на кои би се изостриле сетилата и би се стекнало искуството. Но, не е лошо ниту во моментов, или како што констатираше единствениот германски новинар дојден во Скопје за овој меч:
„Алкалоид би можел комотно да игра во Бундеслигата и би бил екипа од средината на табелата“.
Штета што оваа европската приказна заврши со овој двомеч. Да беше ждрепката помилосрдна, Македонија многу веројатно ќе имаше уште еден силен претставник во Европа сезонава.
Не вреди ни да се „кука“ за (не)слухот на Виена, затоа што на пример елиминираните екипи од ЕХФ лигата би го однеле на друго ниво ЕХФ Европскиот Куп доколку би продолжиле таму. Нејсе.
Штета е и за македонската репрезентација, затоа што добар дел од играчите на РК Алкалоид се репрезентативци кои остануваат без европски натпревари во следните три месеци пред ЕП 2026. Во ситуација кога долгорочно се повредени Марко Митев, Никола Костески, Милан Лазаревски, и Цветан Кузманоски, без европските натпревари на РК Алкалоид стрелката на графиконот за нашите шанси оди надолу уште од сега. Во јануари ќе биде многу (по)тешко да се избори пристоен резултат со домашната Данска и се брка изненадување против Португалија, па Романија ќе биде таргетот. Но дали тоа би било доволно да се избегне вториот шешир е прашање што многу тешко за одговарање.
Најголемиот проблем за Кирил Лазаров сега ќе биде како да се одржи пред сѐ стилот на игра или ќе треба да менува и да се адаптира на домашната реалност. Во Македонија се игра поинаков ракомет базиран исклучиво на резултат. Тоа е стил на ракомет што на кратки патеки може да донесе некаква резултатска сатисфакција, но нема иднина. Ниту една од земјите водечки во светскиот ракомет, а тоа покрај Германија и Франција се и екипите од скандинавијата, не играат бавен ракомет. Ниту сакаат да го играат, ниту некој сака да го гледа, а најмалку дека би платиле (скап) билет за да гледаат таква игра.
Поврзани вести