Алкалоид и Охрид ги поделија бодовите од дербито

РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 24-24 (11-13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева. Делегати: Марјан Начевски и Душко Камишевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (6 одб), Галевски (4 одб), Џонов, Тордарсон 4, Маркоски, Серафимов 3, Карасманакис 3, Стојковиќ 1, Ѓоргиев, Велковски 1, Ивановски 2, Костески 3, Петковски, Митев, Борзаш 6, Аларов 1
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 6 мин.
ГРК ОХРИД: Чаневски (1 одб), Блажески (7 одб), Ѓоргески, Стрмљан 1, Ојлески 2, Иванковиќ 2, Кукуловски, Вејин 3, Ристески, Тасески 1, Моралес, Савревски 2, Јотиќ 34 Љапис 1, Петриќ 2, Ѓукиќ 5
Седмерци: 1/3 Исклучувања: 12 мин.

Комплетирано е првото коло од новата сезона во македонската Суперлига. Дерби натпреварот со кој се затвори првата рунда од натпреварите се одигра во скопска „Автокоманда“, а актери беа два тима од „четворката“ која ќе атакуваат за шампионската титула, екипите на РК Алкалоид и ГРК Охрид.

Се играше во добар ритам во воведните минути, со добри одбрани голема борбеност и транзиција која ги водеше противниците кон пасивна игра. Гостите први диктираа ритам и стигнаа до плус два (4-2) во деветтата минуа. Две минути подоцна беше нерешено (4-4), а до 14 минута Алкалоид во стилот на мечот со Хановер, пропушти четири напади за водство вклучително промашен пенал и остана во улога да брка резултат.
Истече и 20 минута, а и натаму се играше гол за гол, со тоа што ритамот стана побавен, а почнаа и ротациите.

Охрид годинава има широк ростер и осумте странци што тренерот Борис Ројевиќ ги одведе во Автокоманда му овозможија да ја држи свежината и да има понешто ново низ ротациите. Петриќ беше освежувањето кое му доведе на гостинскиот состав одново разлика од два гола (9-7). Но, одново за нешто повеќе од една минута Алкалоид се врати во егал (9-9), а потоа пропушти нов, петти напад за прво водство.
Казната веднаш стигна, Охрид поведе со 12-10, па Кирил Лазаров на минута до крајот на полувремето го побара првиот тајм аут.

Резултатот на полувреме беше 13-11 за екипата на ГРК Охрид кој се истакна со шареноликост и дури девет нивни ракометари постигнаа гол во првото полувреме. Слично беше и кај Алкалоид каде што осуммина се запишаа во листата на стрелци.

Вториот дел почна со доста побавна игра, а гостите во воведните минути одржуваа водство. Нивната одбрана беше подвижна и агресивна и во првиот, а така продолжи и во второто полувреме.
Првото водство на Алкалоид го забележавме во 38 минута кога Борзаш го совлада Блажески за 16-15, а веднаш потоа промаши контра напад за плус два. Тој момент го искористи и тренерот Ројевиќ за тајм аут.
Мартин Ивановски со својот втор гол го донесе Алкалоид во водство од 17-15, Борзаш погоди за 18-15. Охриѓаните како да го загубија здивот и беа се побавни во играта, а нивните напади се полесен плен. Веќе не стигнуваа ниту во одбраната да се движат како што тоа беше случај во првото полувреме, па Алкалоид стигна и со 19-15 во 43 минута и пропушти напад за плус пет.
Охрид ја искористи таа шанса и намали на 18-19 со доста вложен труд во нападот.
Алкалоид го почасти гостинот со својот специјалитет, промашен пенал, но не материјализираа, промашија два шута и домашните имаа 20-18 и напад. 
Блажески му одбрани шут од чиста позиција на Борзаш, а Охрид намали на 19-20 преку Вејин, по што се избори и за напад за израмнување.
Но, Кизиќ бранеше одлично и гоодржа Алкалоид во водство, а конечно проработе и Серафимов и со два гола по ред го одржа водството (22-20, 55 минута). Но, Алкалоид продолжи да ја раскрчмува предноста и казната брзо стигна. 
Охрид искористи играч повеќе и изрмани во 58 минута, а потоа и поведе 23-22. Борзаш израмни, а потоа Иванковиќ од многу тешка позиција на шест секунди до крајот погоди за водство од 24-23.
Алкалоид одигра добро против пресингот на гостите и преку Карасманакис погоди за 24-24 и поделба на бодовите од првото големо дерби. 
 

Поврзани вести