Е. Пелистер во добро издание, но без бодови од Париз

Фото: ПСЖ/РК Еурофарм Пелистер

ПСЖ – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 33-27 (16-16)

Македонскиот првак е поразен на гостувањето во Франција од екипата на ПСЖ со шест голови разлика (27-33). Резултатот не е реална слика на настаните на теренот, Е. Пелистер беше во игра за бод или победа речиси до крајот, но во последните пет минути работите на теренот се изменија до таа мерка што парижаните стигнаа и до убедлив триумф.

На почетокот на натпреварот Е. Пелистер се обиде да го наметне својот стил и ритам на играње и тоа му успеваше во првите 15 минути. Дејан Манасков беше рапсположен за игра, погодуваше што од игра што од пенал (5/5), а битолчани во еден момент имаа напад и за плус два, што не го истористија.
По 15 минута, се раздвижи ПСЖ и ја презема контролата. Лесно наоѓаа простор низ одбраната, Пранди погодуваше од поголема дистанца и ПСЖ направи серија од 5-0 и поведе со 15-10 во 23 минута.

Се чинеше дека парижаните се веќе далеку и Стефан Мадсен, тренерот на ПСЖ потоа направи хокераска измена на бековската позиција, на клупата ги испрати Прадни, Стеинс и Јахија, а влегоа Абди, Годен и поранешниот пелистерец, Матео Мараш.
За само пет минути против оваа постава екипата на Е. Пелистер направи серија од 6-1, го израмни резултатот и имаше и напад за водство.

Мотив плус од последните минути во првиот дел, расположен Никола Митревски на голот и македонскиот тим премина во водство во второто полувреме. По седум миниту игра беше и плус три за Е. Пелистер (21-18). 
Не успеаја битолчаните да ја задржат предноста. Нивните бавни напади беа контрапродуктивни и ги носеше до изнудени шутеви и грешки. Одбраната на ПСЖ која не беше на нивото цел меч, се прилагодуваше, а слабиот голман Јаник Грин беше заменет со еден млад голман, Станис Солие и тој имаше неколку важни одбрани. 
Во нападот стартното напаѓачко трио на ПСЖ фати ритам и резултатот беше израмнет во 47 минута (25-25), а потоа полека домашните изградија предност која до крајот на натпреварот постојано се зголемуваше до конечните шест. 

 

Поврзани вести