Фото: РФМ
Женската сениорска репрезентација на Македонија, наскоро ќе ги почне квалификациите за пласман на ЕП 2026 што ќе го организираат дури пет држави.
Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција се организаторите, а репрезентациите на Данска, Норвешка и Унгарија се исто така директно пласирани на шампионатот.
За другите 16 места ќе се играат квалификации, а дел од тие квалификации ќе биде и македонската репрезентација.
Квалификациите ќе се играат во шест групи со по четири екипи од кои двете првопласирани и четири (најдобро) третопласирани ќе добијат покана за настап на ЕП.
Македонија е во група со репрезентациите на Германија, Словенија и Белгија. Првиот натпревар во првата фаза од квалификациите ќе го игра со Германија на гостински терен на 16 октомври, а потоа, на 19 октовмри на домашен терен ќе игра против репрезентацијата на Словенија.
Следствено рејтингот и резултатите во последните неколку години, најреално е Македонија да биде во игра за пласман на ЕП како една од третопласираните. Но, за да се биде меѓу подобрите четири од вкупно шест улога ќе игра и гол разликата против Германија и Словенија.
Селекторот Кристијан Грчевски одбра 35 ракометарки со кои ќе ја игра октомвриската фаза од квалификациите за ЕП 2026.