Photo: Industria Kielce (cropped image)
Ревија на убави потези, мајсторски погодоци и неверојатна драма по која домашните фанови заедно со Талант Душебаев веруваме сѐ уште се чудат како екипата на Келце остана без бод на натпреварот со данскиот шампион Алборг.
Целиот натпревар беше игра гол за гол во која се надмудруваа и надигруваа врвните мајстори во двата тима. На едната страна Сичко, браќата Душебаеви, Алекс Влах и Словенецот Ферлин на голот, а на другата Јури Кнор, Арнолдсен, Хоксер, Сагосен и Ландин на голот.
Гол за гол цели 60 минути, но се чинеше дека Келце, конечно, ќе ја прекине непријатната традиција кога во финишот имаше два играча плус и поведе со два гола разлика.
Продолжија да фрчат атрактивни голови на двете страни се до последната минута во која Келце го имаше последниот напад и водство од 32-31.
На 10 секунди до крајот на мечот Талнат Душебаев побара тајм аут. Беше организиран напад во кој Артјом Каралек остана сам против Никлас Ландин, еден на еден, малку откосо небранет од никого. Белорускиот пивот одбра лоб удар.
Решение што ќе го прогонува до крајот на животот и него и Талант и сите фанови на Келце. Ударот беше млак, Ландин се извиши и ја фати таа топка, а потоа покажа врвна прегледност, прецизност, време на реакција... Имаше само три секунди до крајот од моментот кога Ландин ја одбрани и потоа ја додаде со Јури Кнор кој пак ја фрли топката кон Бустер Јул, а тој успеа под фаул при паѓање да изведе еден шут зад грб и да ја погоди мрежата.
Салата Легионово, беше стишана на „нула“, се понадеваа за момент и гледачите и целиот тим на Келце дека голот на Бустер Јул е по истекот на времето, но реалноста веднаш ги освести, голот беше признат и во неверување почнаа да ги напуштаат теренот и трибините.
Поврзани вести