-
18.11.2025
-
Македонски ракомет
Фото: РК Вардар 1961
ВАРДАР 1961 – КРИСТИЈАНШТАТ 35-30 (17-16)
Валах (15 одб), Хориха 9, Малус 7, Тузолана 5 - Ал Каваџи (9 одб), Мансон 9, Нилсен 8
Екипата на Вардар 1961 му се реваншираше на шведскиот Кристијанштат за минатонеделниот пораз и вечерва славеше победа во Скопје со што се врати на првото место во групата во пресрет на последните две средби од оваа фаза на ЕХФ Европската лига.
Швеѓаните со бод повеќе од Вардар, но и со само 12 ракометари од кои двајца голмани допатуваа во Скопје. Имаат уште два меча на домашен терен во крајот и таму ќе бидат насочени со сите сили, иако и вечерва во „Јане Сандански“ демонстрираа многу убав и квалитетен брз ракомет и беа рамноправни речиси до крајот на натпреварот.
Поведоа гостите со 2-0 и 3-1, на стартот кога Вардар имаше проблеми во нападот, но најдобриот вардаров играч на двомечот, голманот Милош Валах брзо влезе во ритам и проблемите во нападот ги снема откако почнаа да постигнуваат лесни голови ракометарите на македонскиот тим.
Немаше голема серија, Вардар по 10 минти израмни, а највисокото водство во првиот дел го имаше во 16 минута кога поведе со 10-7.
До крајот на првиот дел, Вардар ја контролираше играта преку Горига и Малус и на одмор замина со гол предност.
Во вториот дел до израз дојде и ротацијата, Вардар почна и резултатски да доминира, направи серија од 5-0, поведе со 27-22 во 45 минута и до крајот рутински ја одржуваше разликата користејќи ги сите свои предности, особено преку расположениот Валах (15 одбрани) и Тузолана кој ефектно ги материјализираше неговите одбрани. Швеѓаните очекувано паднаа во ритамот, почнаа почесто да грешат и едноставно се помирија со неизбежниот пораз.
Во следното коло, екипата на Вардар ќе гостува кај тимот на Сесвете во Хрватска, кој вечерва игра на гости кај Тулуз од Франција.
Поврзани вести