Фото: РФМ
ВАРДАР 1961 - ТУЛУЗ 37-35 (16-18)
Гогов (12 одб), Малус 9, Хориха 8 - Мелер (16 одб), Фојхман 7, Илиќ 6
Екипата на Вардар 1961 победнички ја заокружи 2025 година во ЕХФ Европската лига и со триумф над францускиот тим Тулуз (37-35) го заврши настапот во Групната фаза на ЕХФ Лига.
Натпреварот немаше резултатско значење за двата тима. Вардар со четири победи во пресрет на овој меч, Тулуз со пет порази дојде во Скопје. Тоа го симна притисокот од грбот на играчите на двата тима и се одигра меч во кој имаше многу повеќе ракомет и голови, отколку дуели и тактизирања.
Французите покажаа дека знаат добро да играат, иако нивните резултати се срамота за имиџот на францускиот ракомет во целина. Добро се движеа и двата тима на теренот, а главната улога ја преземаа ветеранот Фојхман и Илиќ кај гостите, односно дуото што на Вардар му донесе 19 победи сезонава – Димитро Хориха и Јака Малус.
Резултатски првиот дел беше цело време изедначен. Вардар 1961 го диктираше резултатот, а гостите постојано израмнуваа, за во финишот на првиот дел да преминат во водство и во соблекувална да заминат со два гола предност (18-16).
Имаа и плус три гола предност француските ракометари, но само во првите пет минути од вториот дел. Вардар од негативата 19-22, направија пресврт (23-22), по што ја преземаа контролата врз резултатот и водеа со два до три гола сѐ до 53 минута (33-31). Тогаш, за две минути со серија од 3-0 за еуфорија на неисполнетите трибини, Вардар стигна до 36-31 и го реши победникот на натпреварот.
Дуелот во Скопје меѓу Вардар и Тулуз немаше резултатско значење за македонскиот тим, но дуелот што се играше во Шведска меѓу екипите на Кристијанштат и Сесвете – имаше.
Вардарци навиваа за хрватскиот тим, но по голема борба победија Швеѓаните (28-27). Тоа значи дека во Главната фаза се пласираат Вардар и Кристијанштат и ќе пренесат по два бода.