-
02.1.2026
-
Македонски ракомет
Македонската репрезентација денеска ги продолжи подготовките за настапот на ЕП 2026. Во празничен амбиент со честитки и желби за 2026, ракометарите го одработеа првиот фитнес тренинг во Автокоманда, како загревање за финалниот дел од подготовките за ЕП. Селекторот Кирил Лазаров, направи осврт на сработеното во 2025.
„ Го остваривме планираното. Трениравме интензивно минативе осум дена, со тоа што првиот дел од поделивме на две етапи, во Скопје и во Хрватска. Имавме идеални услови, особено во Хрватска бидејќи имавме на располагање сала во хотелот, имавме фитнес центар. Имавме одлична контролна средба, со оглед на интензитетот на тренирање, задоволен сум од мечот. Знам дека имаме доста работи за поправање, но ни остануваат 15 дена, знаеме што треба да работиме и на што да обрнеме внимание“, вели Лазаров.
„Околу играчкиот кадар имам неколку дилеми, со оглед на здравствената ситуација на играчите, но мислам дека во наредните два-три дена тоа ќе се искристализира. Во Данска ќе патуваат 19 играчи, во моментов на тренинг се 21. Конечниот список ќе биде познат во следните неколку дена. И здравствениот билтен го диктира списокот. Потребни ни се здрави играчи што ќе одговорат на потребите, добро физички подготвени“.
„Го направивме концептот, знаеме како треба да изгледа нашата игра, треба да се надоградиме, но максимално ќе го искористиме следниот период.
Јас секогаш зборувам за нашиот менталитет, малку можеби сум досаден, но тоа е така. Психолошката подготвеност и самодовербата мора да ги поправиме, знам дека навиките тешко се менуваат особено кога играчот ќе стигне до одреден број на години. Не можеш да му промениш одредени навики кои ги има стекнато уште од мал. Но, се трудиме да го промениме тој менталитет и дека треба да веруваме во невозможното.
Ако сакаме да одиме напред не треба да очекуваме дека Данска, Португалија, Словенија, Франција или на пример една Хрватска, да бидат послаби. Ние треба да бидеме подобри. Тие секогаш ќе бидат подобри, а ние ако очекуваме да бидат слаби во тој случај бадијала го трошиме времето.
Значи ние мораме да бидеме подобри, индивидуално да бидеме попрофесионални затоа што се занимаваме со спортот број еден во Македонија. Имаме одлични услови и одлични клубови, треба индивидуалниот перформанс, пред се, физичкиот, да го чувaме и да го надоградуваме за да може да одговори на потребите на едно големо натпреварување како што е Европско или Светско првенство.
Мислам дека тука заостануваме, никаде во светот не се случува некој да се грижи за тебе, сите се грижат за себе, а кај нас е обратно, ние се грижиме за нив. Физичкиот перформанс мора сам да го изградиш.
Ова е многу е важно, бидејќи ако сакаме ракометно да парираме против големи репрезентации, нашиот индивидуален физички и психички перформанс треба сами да го доизградиме како репрезентативци.
Сите ја познаваме базата, таа е составена од 30 до 40 играчи, од нив 20 – 25 играчи знаат дека секогаш ќе бидат помалку или повеќе на големо натпреварување.
Физички, ментално и психолошки секој треба индивидуално да се грижи за себе, а не јас да се грижам за нив. Македонската депресија треба да ја има помалку, да бидеме храбри и да не очекуваме дека Данска, Португалија и слични репрезентации ќе бидат послаби, па ние ќе ги изненадиме. Ако тоа не го сфатиме може да дојде Карло Анчелоти и да биде бадијала.
Поврзани вести