Лазаров: Групата е многу тешка, но треба да уживаме во ракометот

Фото: РФМ

Денеска и утре се последните слободни денови на македонските репрезентативци. Во петок и за нив ќе стартува ЕП. Ден претходно во Хернинг ќе играат репрезентациите од групата А.

Македонија ги комплетираше подготовките и спремно го чека стартот на првенството.


„Задоволен сум од тимот, од играчите. Знаеме дека секогаш може да биде подобро, но ќе продолжиме да работиме, имаме уште два дена за подготвени да го дочекаме шампионатот. Го направивме процесот на смена на генерации, веќе се подобривме од многу аспекти, во последните две години покажавме дкеа можеме да одиграме еден беспрекорен меч. Сепак, за да имаш континуитет, во иднина мораме да покажеме дека сме способни не само да одиграме еден меч, туку цело првенство. Ние сме мала земја и мораме да бидеме трпеливи, одиме чекор по чекор. Многу сум задоволен од напредокот во последните две години“, изјави Лазаров.


Селекторот Лазаров се осврна и на предизвикот што го носи тешката група во Хернинг.


„Мораме да бидеме искрени. Секој има свои амбиции, секој сака да победува, но треба да се каже дека групата е многу тешка, играме со Данска во Хернинг, а потоа и со Португалија, која лани на СП стигна до полуфиналето. Тешко е да се каже „сакаме во втората фаза“. Сите го сакаат тоа… Треба да уживаме. Мислам дека сме добро подготвени за првенството, возбудени се и го чекаме почетокот, да видиме до каде сме стигнати со квалитетот и со искуството“, порачува Кире Лазаров.

Поврзани вести