Германците ги преживеаја браќата Кошта

Photo: IHF

 

ГЕРМАНИЈА – ПОРТУГАЛИЈА 32-30 (11-11)


Репрезентацијата на Германија успеа по голема борба, повеќе среќа и помалку реакции кон судиите да ја добие средбата со Португалија и со четири бода ќе биде на врвот на табелата во групата „1“ во Главната рунда што се игра во Хернинг.
Португалија уште еднаш покажа дека е екипа од врвот на светскиот ракомет, а браќата Кошта играчи од највисока класа.

Водеа и контролираа сѐ португалските ракометари во првиот дел, имаа и напади за по три гола разлика, Германија се чинеше дека ќе доживее уште едно српско сценарио.
Но, дојде момент браќата Кошта да мораат да одморат, а кога тие седнаа на клупа, Португалија речиси 10 минути не даде гол. Тука замина и шансата на португалскиот тим да се одвои на пристојна разлика.

Во вториот дел, спасот за Германија стигна од клупата. Миро Шлуроф покажа дека се работи за играч за кого Европа треба да чуе и постигна седум гола со што Германија одржуваше дистанца и контролираше резултат. Голманот Андреас Волф со 13 одбрани помогна Германија да ги преживее браќата Кошта кои комбинирано постигнаа 16 гола денеска (10 Кико, 6 Мартим)

Не успеаја да конструрираат момент за пресврт португалските играчи, не успеаја да се одбранат и конечно Германија запиша тесна победа од 32-30.

Поврзани вести