Данска се врати во игра за медал

ДАНСКА – ФРАНЦИЈА 32-29 (11-12)
Гидсел 9, Питлик 8 – Мин 7, Деска 5


Меч достоен за епитетот финале пред финалето одиграа вечерва репрезентациите на Данска и Франција, двата најдобри тима на денешницата.

Видовме беспоштедна борба за секоја топка, на секој дел од теренот. Мајстори во нападот, бетонски одбрани, играчи што играат врвен ракомет цела сезона.
Резултатски мечот беше израмнет во текот на сите 60 минути, а највисоката разлика, од три гола е финалниот резултат. Во текот на натпреварот во многу наврати водеа и едните и другите.
Данска дојде до капиталната предност во последните 10 минути, откако Франција водеше со два гола разлика пред мечот да влезе во финиш.

Матијас Гидсел и Симон Питлик беа најдобрите стрелци за Данска, но во најкритичните моменти играчи што во серија ја погодуваа мрежата на голманот Дебоне беа Емил Јакобсен и Ласе Андерсон.

Во таборот на Франција речиси и да не ги видовме Дика Мем и Елоим Пранди, но затоа се изнаиграа Тибо Брие и Омерик Мин.

Данска со оваа победа го зачува сонот за полуфинале, Франција направи чекор назад, но има капацитет да ги победи сите други противници.

ТАБЕЛА: 1. Германија (4 бода), 2. Франција (2), 3. Данска (2), 4. Норвешка (2), 5. Португалија (2) 6. Шпанија (0)

Поврзани вести