Данска ги откажа Шпанците од полуфинале

Photo: IHF
 

ДАНСКА – ШПАНИЈА 36-31 (16-14)
Јакобсен 8, Питлик 6 - Фис 9, Алекс 5

Репрезентацијата на Данска одигра уште една маестрална партија и запиша нова победа во Главната рунда на ЕП. Мечот со Шпанија го следеа 15.000 гледачи, комплетно беше распродадена арената во Хернинг и имаа што да видат.
За Шпанија можеме да ја искористиме флоскулата дека „дадоа сѐ од себе, ама тоа не беше доволно“. Маркос Фис (18) со девет постигнати гола протива Данска покажа дека од натпревар во натпревар прераснува во голем играч и веќе го гледаме како го менува дресот на Гранољерс со комшискиот на Барса.

За тимот на Данска, може да се зборува само во суперлативи. Мечот со Франција им беше одлична терапија по болниот пораз од Португалија и полни со самодоверба денеска јуришаа кон голот на Хернандез и Биоска. Нивниот селектор, Николај Јакобсен е познат по тоа дека нема да смени ниту еден играч ако не мора. И тоа не цел меч, туку цело првенство. Следствено, 15.000 фанови денеска цел меч ги гледаа на терен Питлик и Гидсел, Нилсен и Јакобсен... Емил Јакобсен имаше нова одлична партија, Питлик беше можеби најдобриот играч на теренот иако МВП наградата замина во рацете на неговиот соиграч – Емил Нилсен.
За голмнот на Данска како сега да почнува првенството и ова беше прв меч на кој направи разлика со своите 14 интервенции.
Резултатски Данска имаше контрола во првиот дел, ама Шпанија не се даваше лесно. Не брзаа „хиспаносите“ ги користеа грешките на Данска и на полувреме заминаа со резултат 14-16.

Во вториот дел се разгоропади данскиот тим. Шпанија влезе во нивната машина. Немаше позиција од каде што немаше закана за голманот Хернандез. Во еден момент, Данска поведе и со осум гола разлика (28-19) и се закани со двоцифрена победа.
Сепак, Алекс Душебаев и Маркос Фис не дозволија таков расплет, а Шпанија успеа да намали на минус пет гола што беше и краен резултат.
Со оваа победа Данска им се приклучи на Германија и на Франција кои имаат по четири бода на првото место на табелата. Шпанија има нула бодови и порази од Данска и Германија и веќе немаат шанси да се пласираат во полуфиналето на ЕП.

Поврзани вести