-
06.2.2026
-
Македонски ракомет
Следните големи ракометни настани, а тоа редоследно се СП Германија 2027 и ЕП Шпанија, Португалија и Швајцарија 2028 ќе имаат дополнителен влог на масата затоа што се квалификациски за Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година.
Македонија е дел од квалификацискиот процес и има свои шанси да стигне до најпрестижниот спортски турнир. Досега во квалификации учествувала двапати, можеби ако стигне до трета шанса, таа да биде среќа.
До настап на Олимписките игри во Лос Анџелес може да се стигне на два начина. Како актуелен светски или континентален првак и преку квалификации. Нормално и едно место е секогаш резервирано за домаќинот.
Директно место ќе обезбеди Светскиот првак од Германија 2027 и континенталните прваци на Европа, Африка, Азија, Ј. Америка. Заедно со домаќинот САД, вкупно шест репрезентации. Остануваат уште шест слободни места.
За тие шест слободни места ќе конкурираат 12 екипи и тие ќе бидат поделени во 3х4 квалификациски групи од каде првите две места ќе водат кон Long Beach Arena.
Од Светското првенство во Германија во квалификациите за олимписките игри ќе се пласираат шест екипи (2-7 место). Но, ако меѓу нив се најде и следниот Европски првак тогаш и репрезентацијата што е на 8 место ќе игра квалификации. А, ако пак меѓу најдобрите 8 е и првакот на Африка тогаш и позицијата број 9 ќе оди во квалификации или ако се и првакот на Африка и првакот на Ј. Америка тогаш и позицијата број 10 ќе оди во квалификации.
Како и да е, вкупно 6 репрезентации од СП ќе одат во квалификации. Другите шест места ќе бидат пополнети на следниов начин.
По едно место добиваат Европа, Африка, Азија и Ј. Америка.
Последните две места се за најдобриот континент според ранкинг, а тоа е Европа и доколку Океанија нема тим пласиран од 8-12 место на СП (а нема да има), тогаш тоа место оди за вториот по ранкинг континент.
Последниот филтер од Европа за ОИ е Европското првенство во 2028 што ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Швајцарија.
Три места од ЕП водат на Олимписките игри или квалификациите. Европскиот првак оди директно (ако европскиот првак е и светски првак тогаш финалистот на ЕП ќе оди директно на ОИ). Две репрезентации што ќе бидат најдобропласирани, а не обезбедиле учество во квалификациите преку СП ќе добијат право да играат во квалификациите.
Какви се шансите на Македонија да се најде во квалификациите, а со тоа и на ОИ?
Прво плсман на СП па потоа сѐ друго. Но и целите не се поставуваат од сега до следниот месец туку до следниот (нај)голем настан. Затоа...
Во моментов пласман во Топ 10 на СП или ЕП не е реално да се очекува и бара од македонскиот тим, но ако се потврдат точни калкулациите дека на ждрепката за СП би биле во вториот шешир и доколку Фортуна нѐ помилува за време на ждрепката, тогаш зошто не?
Поврзани вести