Битола е спремна, доаѓа Вардар!

По вчерашното благо речено контроверзно дерби во Охрид, денеска на ред е уште поголемо дерби, со поголем влог, а ќе се игра во Битола.

Гостува Вардар 1961 во најголемото балканско и во класата на најголеми дерби мечеви во Европа. Утрово во Битола најбараната работа не е утринското кафе, туку билет за вечерашниот натпревар. Билетите што беа пуштени во продажба, веднаш продадени, салата ќе биде преполна, амбиентот е познат, а списокот на нерасчистени сметки е долг.

Иако во теорија не е, во пракса овој меч е сѐ или ништо за Еурофарм Пелистер. Вардар 1961 има четири бода предност, плус плејоф победа во Автокоманда и со евентуална победа вечерва ќе може да почне ја да брише тригодишната прашина и да прави место во витрините за уште еден шампионски пехар.

„И Пелистер и ние имавме тешки натпревари во Европа, но сметам дека добро се подготвивме бидејќи имавме време. Ќе играме во Битола кај нашиот најголем ривал кој е втор на табелата. Верувам дека добро ќе се претставиме на овој меч бидејќи каде и да игра Вардар мора да оди на победа и да игра убав ракомет. Одиме во Битола како и на секој натпревар и да го победиме актуелниот шампион на Македонија“, изјави тренерот на Вардар 1961, Иван Чупиќ.


Еурофарм Пелистер има своја математика за вечерашниот меч. Тие се единствените што го победија Вардар 1961 досега во првенството и покажаа дека можат да се носат со скопскиот состав. Ланската титула освоена во „Јане Сандански“ е влог што не смеат да си дозволат да го загубат пред своите гледачи. Вечерва ќе бидат без Домен Тајник, па тренерот Стевче Алушовски ќе треба да смисли начин како тоа да не се одрази во играта.
Почетокот на натпреварот е закажан за 19:00 часот, ќе има и директен ТВ пренос на МТВ. Судии на натпреварот ќе бидат Ненад Николовски и Исмаил Металари.

 

Поврзани вести