Стоилов и Бутел Скопје си пружија рака

Фото: РК Бутел Скопје

Столе Стоилов и Бутел Скопје си пружија рака за соработка. Идејата и целта на клубот се јасни – работа со македонски ракометари за посилна репрезентација. Тоа е формула што функционира. Треба време, но функционира. Имаме жив пример во работата на Кирил Лазаров со Алкалоид. Пример дека може во Македонија да се формираат македонски играчи кадарни да играат за репрезентација и кадарни и со клуб да освојуваат и европски пехари и со репрезентација да се носат со другите врвни ривали.

Бутел Скопје со Столе Стоилов треба да биде додадена вредност во македонскиот ракомет. Со целосна почит кон тоа што го (с)работи актуелниот тренер Горан Кузманоски, екипата на Бутел Скопје очекува отворање на нови хоризонти под водство на Стоилов.


„Сакам да се заблагодарам за довербата на раководството на Бутел Скопје. Ситуацијата во македонскиот ракомет е чиста – сега имаме четири клубови кои се помоќни финансиски од другите, но за да имаме силна репрезентација, другите клубови треба да се посветат повеќе внимание на македонските млади играчи и да не купуваат странци. Бутел веќе има костур на екипата, иако има и млади ракометари, но тие имаат суперлигашко искуство. Би го надополнил ростерот со млади од други екипи за кои сметам дека може да станат големи играчи. Амбициите остануваат и за наредната сезона - пласман во плејоф, само со македонски ракометари, изјави новиот стратег на клубот.


Претседателот на Бутел Скопје, Бојан Спасовски, исто така истакна задоволдство по потписот на договорот.

Баравме идеално и квалитетно решение за клупата на Бутел Скопје. Имавме краток состанок со Стоилов и веднаш се договоривме. Станува збор за легенда не само во македонскиот ракомет, туку и пошироко. Со него ќе добиеме и на квалитет и на искуство на клупата, а во ростерот и натаму ќе имаме млади македонски играчи. Амбициите ни се високи, па затоа се договоривме за соработка на две сезони. Mу даваме одврзани раце на Стоилов околу формирање на ростерот, а ние како раководство ќе се потрудиме да му обезбедиме максимални услови за работа, изјави Спасовски.

Поврзани вести