ГРК ОХРИД – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 28-28 (13-14)
Славиќ (5 одб), Мате 11, Ојлески 4 – Митревски (5 одб), Кузмановски 10, Атанасијевиќ 8
Првото големо дерби во 35 сезона во Суперлигата заврши со поделба на бодовите. Екипите на ГРК Охрид и Еурофарм Пелистер пред полни трибини во охридската сала одиграа нерешено 28-28. Кога голема и израмнета битка натпревар завршуваша нерешено, вообичаената флоскула е дека „нерешено е најреалниот резултат“. Но, последната сцена од „Билјанини извори“ во која битолчани се радуваа на центарот на теренот и го славеа својот вечерашен јунак – Петар Атанасијевиќ додека охридските ракометари се држеа за глава, кажува дека двата тима не ја доживеаја како најреален исход.
Одиме по ред. Гостувањето на Еуфорам Пелистер предводен од Лино Червар ја преполни охридската сала, до мерка што денеска билети се бараа и преку огласи на социјалните мрежи.
Битолчани во Охрид дојдоа како мала енигма, но веднаш откако почна натпреварот тргнаа со тактика седум на шест, речиси идентично како и на натпреварот со Партизан неодамна.
За охриѓани овој настап не требаше да биде или не беше изненадување, сеедно, релативно добро се бранеа, продуцираа неколку грешки на противникот, но и не профитираа доволно.
Черваровата стратегија им донесе голови на битолчани, но покажаа дека ќе им треба време за ова добро да го воиграат. Неколкупати не се вратија на време и доколку имаше повеќе концентрација кај охриѓани, можеби брзо и принудно ќе се менуваше тактиката. Но, промашија неколку шута на празен гол и потрошија на тој начин неколку напади домашните што им ја даде контролата на битолчаните.
Еурофарм Пелистер водеше со гол и во два наврата два гола разлика во текот на цеото прво полувреме. Охрид само во еден кус период поведе со 10-9 и 11-10, па одново предноста се врати кај гостите. Немаше капитална предност, немаше серија, немаше ниту ритам натпреварот за да се очекува серија. Се играше на поставени одбрани и до чиста позиција за шут. Од едната страна торпедираше Доминик Мате, а од другата страна покрај стандардниот лидер Филип Кузмановски, една од најдобрите партии во кариерата ја играше левото крило Петар Атанасијевиќ.
Овие тројца ракометари постигнаа повеќе од пола од вкупниот број на постигнати голови на овој натпревар.
На полувреме беше 13-14, првиот гол во вториот дел заврши во мрежата на Дино Славиќ и Е. Пелистер поведе со 15-13. Охрид брзо се врати на 15-15 и одново мечот влезе во ритам гол за гол, со тоа што во оваа делница домашниот состав го диктираше резултатот, а гостите бркаа израмнување.
Во последните 10 минути се влезе со резултат 24-24. Не се засили ритамот, се засилија стартовите и порасна тензијата, па судиите почесто ги праќаа играчите на двеминутно ладење. Охрид водеше до 25-24, со првиот и единствен шут и гол израмни Татар, а потоа блесна Петар Атанасијевиќ. Тој погоди од контра напад за 26-25, потоа погоди за 27-26 и конечно во последниот напад во кој битолчани имаа уште десетина секунди за да израмнат, од тешка позиција погоди и за 28-28 и го постави конечниот резултат.