-
27.4.2025
-
Македонски ракомет
Алкалоид денеска во Норвешка игра нов меч на сезона. Македонскиот тим во Сандефјорд на дуел со норвешкиот тим Рунар, ќе брани пет гола позитива за пласман во финалето на ЕХФ Европски Куп. Тоа е резултатско достигнување што е над очекувањата имајќи предвид дека лани клубот прв пат излезе на европската сцена, но е на дофат и попладнево претстои голема битка за остварување на уште еден историски резултат.
Натпреварот ќе се игра со почеток од 17:00 часот, за жал последната информација беше дека ТВ пренос нема да има, затоа што норвешкиот тим нема да реализира пренос, а мечот ќе се снима само за потребите на ЕХФ.
Алкалоид ја игра пролетната сезона во НБА ритам кој си зема свој данок. Лазаров нема многу време да ја подготви тактички екипата од дерби до дерби плус ЕХФ Европскиот Куп, ниту пак имаат играчите време да се рехабилитираат, а проблеми со повредени ракометари има и за главоболки и за да го прилагодува тимот од натпревар во натпревар.
Минатата недела во Скопје видовме тркачки натпревар со многу голови во кој веројатно прв пат се случува македонски тим да наттрча норвешки и да го добие со стил на игра што е карактеристика на скандинавските екипи.
Дали и денеска ќе биде така, ќе дознаеме наскоро. Тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров и норвешкиот стратег Бјарте Мирхол имаа една недела да размислуваат за тактиката со која би го оневозможиле противникот да ја развие својата игра и стигне до посакуваниот резултат.
Алкалоид има пет гола предност, но Норвежаните не се аутсајдери. Тоа може најмалку да се каже за екипа која на домашен терен со 10 гола го победи Олимпијакос, а +10 имаше и на дуелите со Целје Пивоварна Лашко и ЧСМ Букурешт.
Единствените кои останаа непоразени во Норвешка се ракометарите на Бешикташ, но и тие беа елиминирани и тоа сред Истанбул.
Рунар и во Скопје остави добар впечаток. Играа цврсто и дрско, а ветеранот Кристофер Рамбо покажа дека и на 35 години може да биде лидер каков што им треба на помладите колеги.
Денеска е нов ден, нов меч. Двата тима несомнено се спремаат за историја, но гледајќи од позитивната страна, токму на вакви натпревари се создаваат вистински играчи.
Поврзани вести