Шведскиот првак се откажа од Европа

Photo: Ystad IF

Екипата на Истад ИФ, го освои шведскиот куп, го освои по четврти пат и шампионскиот пехар, легендарниот Ким Андерсон во нивниот дрес го одигра последниот натпревар во кариерата и откако забавата заврши, се угасија рефлекторите и стигна сметката – клубот реши да се откаже од настапот во Европа следната сезона.

Истад минатата сезона играше во ЕХФ Европската лига. Почна со квалификации во Португалија, потоа играше во Групната фаза, а потоа се квалификуваше и во Главната рунда. Имаше сосема солиден настап, но годинава, не се спремни за уште една таква авантура.

Шведска на вкупната ранг листа забележа голем пад и според ранг листата е во друштво со Србија, Швајцарија и Труција на пример и ѝ припаѓаат само три места во ЕХФ Европскиот Куп. Но, барањата за повисок ранг се секојдневие за администрацијата во Виена, па сосема сигурно ќе добиеја и место во ЕХФ Европската лига.

Но, нивната математика вели дека минатата сезона го платиле најскапото патување во историјата на клубот (Мадеира), имаа и уште едно гостување во Португалија (Лисабон), играа во Франција, Полска, Романија, Шпанија, па менаџерот на клубот изјави дека уште едно такво патешествие ќе го „изеде“ целиот буџет на клубот. Играњето во ЕХФ Европската лига ги чинело многу пари, од ТВ преноси заработиле само околу 35.000 евра и годинава решиле место парите да ги даваат за играње во Европа, да ги пренасочат во други цели.

Поврзани вести