Фото: РК Алкалоид/ Филип Вирановски
Во вторник на 15 јули ќе биде извршена големата ждрепка во Европските купови која ги опфаќа првите две кола во ЕХФ Европскиот Куп и квалификациската ждрепка во ЕХФ Европската лига.
Македонија ќе има пет претставника во овие две натпреварувања, четири од нив во вторник ќе ги добијат првите противници.
Екипата на РК Бутел Скопје сезонава одлучи да побара вајлд карта за настап во ЕХФ Европскиот Куп. Македонија заработи едно место плус поради триумфот на Алкалоид во ова натпреварување, а откако истиот клуб реши да игра во ЕХФ Европската лига оваа сезона, се отвори чист пат за Бутел Скопје да добие вајлд карта. И ја доби.
Тоа, пак, значи дека ќе играат уште во првото коло заедно со уште 17 други екипи. Бутел Скопје сезоната ја почнува со ранкинг 69 од вкупно 73 пријавени екипи.
Согласно ростерот и стилот на игра, не е лесно да се постави граница на кои дуели македонскиот тим би бил фаворит во првото коло.
Би ги издвоиле екипите на Бејкоз од Турција за која игра и најголемата турска ракометна легенда, Рамадан Доне и грчкиот ПАОК кој годинава се засили со египетски, српски, па и еден македонски интернационалец како два тима што не би сакале да бидат на делба на мегданот.
Со малку среќа и добра подготовка, Бутел Скопје би можеле да го видиме во второто коло.
РК БУТЕЛ СКОПЈЕ:
Бејкоз (Тур), Строволу (Кип), Мистра (Ест), Беса (Кос), Дуделанж (Лук), Гранитас (Лит), ПАОК (Грц), Вогошча (БиХ), Сасари (Ита)