Фото: РК Алкалоид/Филип Вирановски
Алкалоид минатата сезона не играше традиционален македонски ракомет наследен од деведесеттите години. Играше побрз ракомет, брза транзиција со непрестано трчање и акции кои не чекаа до 20-то додавање да се направи дупка во одбраната на противникот.
Затоа и го освои ЕХФ Европскиот Куп.
На домашната сцена приказната е поинаква. Тука се игра „традиционалниот“ ракомет со многу одење кое се толерира од судиите, па така и екипата која не трча и не брза секогаш е во поголема предност.
Годинава, Алкалоид состави екипа за уште побрза игра и транзиција. Им се приклучија повеќе нови играчи, меѓу кои Ненад Костески и Монси Тордарсон. Двајца играчи што можат да го уфрлат тимот во следната поголема брзина.
Исландското крило доаѓа на местото на Арно Бинго кој имаше важна улога во транзицијата, но често пати и непотребно солираше и трошеше топки. Бинго (39) си го заслужи своето место куќата на славните во РК Алкалоид, а сега редот доаѓа на играч кој е во својот прајм, исландското крило. На таа позиција покрај универзалниот Иван Џонов ќе биде и неоткриен талент, Давид Трајкоски за кого слушаме само убави работи.
Светлата на рефлекторите, во прв момент ќе бидат кон Тордарсон во секој случај. Тој вака го коментираше својот трансфер.
„Се чувствувам одлично и возбуден сум што сум тука. Доаѓам во нов проект, во нова земја која сака и знае ракомет. Првите впечатоци се одлични. Гледав некои натпревари на Алкалоид од минатата сезона и веќе знам како игра тимот. Се игра брз ракомет и тоа доста ми одговара на мојот профил. Генерално, сакам само да победуваме. Имаме добар состав, кој сум сигурен дека ќе ме турка и јас да бидам подобар. Тоа е мојата цел со Алкалоид за следните натпревари“
За работата со Кирил Лазаров...
„Го познавам Кирил Лазаров, големо ракометно име, тој е легенда. Возбуден сум што ќе работам со него. Сигурен сум дека може да ме научи многу за ракометната игра. Тој е модерен тренер кој сака брза игра, но знам дека ќе ме научи и некоја „олд скул“ финта на теренот и ќе ми го пренесе тој менталитет.“
За настапот во Европската лига на ЕХФ...
„Возбуден сум што повторно ќе играм во Европа. Претходно бев дел од Европската лига на ЕХФ каде имав добри партии и сега се надевам на добро претставување со Алкалоид, иако добивме незгоден ривал на ждрепката за квалификациите“