-
26.7.2025
-
Македонски ракомет
Фото: ГРК Охрид
Годинава македонскиот шампионат добива уште еден клуб што ќе биде сериозен кандидат за шампионскиот пехар. Со тоа бројката на екипи конкуренти за првото место се зголеми на четири. ГРК Охрид го промени и надогради својот состав и сега на хартија е рамноправен со сите, можеби и посилен од дел од конкурентите.
ГРК Охрид ги почна подготовките за сезоната во која очекувањата од нив се највисоки досега. Тренерот Борис Ројевиќ ги сподели своите импресии за клупскиот ФБ профил.
„Веќе при првиот разговор со луѓето од клубот, а особено со градоначалникот Пецаков, ја почувствував искрената желба, сериозната амбиција и големата љубов кон ракометот. Таа енергија веднаш ме привлече и беше клучна да ја донесам одлуката да дојдам во клубот, но и во земја каде што ракометот се доживува со толкава страст – можеби и најмногу на целиот Балкан““, вели Ројевиќ.
„Во новата сезона влегуваме со многу ентузијазам и мотивација. Тимот е значително променет – пристигнаа девет нови играчи и формиравме една сосема нова целина. Имаме квалитет, имаме добра мешавина од искуство и младост, но како и секој нов тим, ќе ни биде потребно време сè да дојде на своето место. Верувам дека од ден на ден ќе растеме“.
„Македонската лига е без сомнение најсилна на Балканот. Пелистер игра во Лигата на шампиони, Вардар во европско натпреварување, а Алкалоид е актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот Куп и оваа сезона игра квалификации за Европската лига. Тоа доволно зборува за квалитетот на натпреварувањето и предизвикот што е пред нас“.
„Ние ќе одиме трпеливо, чекор по чекор, со верба во работата, стабилноста и поддршката што ја чувствуваме од луѓето и навивачите во Охрид. Нашата цел е јасна – да изградиме тим што ќе биде препознатлив по борбеност, заедништво и карактер. Верувам дека во текот на сезоната ќе успееме да го израдуваме нашиот град и нашата публика.“
Поврзани вести