Фото: РК Алкалоид/Филип Вирановски
Алкалоид во финишот на својата досега најуспешна сезона мораше да игра без неколку клучни ракометари, меѓу кои најголемата празнина се направи откако вон строј остана Марко Митев.
Митев е еден од ракометарите кои најмногу напредуваа во Алкалоид и многу брзо ја освои целата ракометна јавност не само со настапите во клубот туку и во репрезентацијата каде што се избори за позицијата стартер и стана клучен штраф во машинеријата на Кирил Лазаров.
Повредите се дел од спортот, Марко Митев го почувствува тоа и сега сѐ уште е во период на рехабилитација. Заздравувањето оди според планот, но потребно е време и тој нема да биде во тимот на почетокот на сезоната, а прогнозите се дека ќе може да игра уште во еенската полусезона. Во секој случај ќе минат уште неколку месеци пред одново да го видиме на теренот, но најважното во моментов е дека се оди според планот и дека ракометарот се чувствува добро.
Алкалоид веќе ја одработе првата недела од подготовките и утре се сели на Маврово, а Митев ќе биде со екипата.
„Во тек се подготовките за новата сезона. Секој од нас посветено работи и се подготвува за претстојната сезона. Условите за работа во РК Алкалоид, како и до сега, се врвни, исклучително професионални и се на највисоко ниво. За тоа зборуваат и досегашните резултати и постигнувања на екипата. Стручниот тим ни е максимално посветен. Заеднички и напорно работиме сите, а секој со својот ангажман и квалитет придонесува екипата да биде максимално спремна за сезоната што ни претстои“ вели Марко Митев.
„Ќе застанеме цврсто подготвени пред сите предизвици што нѐ очекуваат во новата сезона. Во тимот има одлична хемија и сплотеност, посветени сме на тренинзите и се надополнуваме еден со друг. Очекувам дека и новите играчи многу лесно ќе се вклопат во тимот и верувам дека ќе бидат одлично надополнување на сѐ она кое што можеби недостигаше изминативе сезони. Поддршката од тимот веќе ја имаат.
Очекувам добри резултати бидејќи кога постои поддршка, надополнување и кога сите придонесуваат максимално, а квалитетот што го поседуваат го вложуваат несебично на терен за екипата, успехот е неминовен. Фокусот и максималните индивидуални вложувања во единствената и заедничка цел на екипата ќе и донесат високи резултати и исклучителни успеси.