Галевски: Ритам за победи

Фото: РК Алкалоид

Иван Галевски е еден од играчите кои можеме да ги сметаме за фаворити во изборот на играч на годината од сезоната 2024/25. Одбрани клучен пенал за првиот пехар на Алкалоид, одбрани пенал за победа на македонските јуниори над Франција, одбрани три пенали во пенал рулетот во полуфиналето на ЕХФ Куп против Рунар и одбрани пет пенали на легендарниот финален натпревар во Атина. А пеналите беа само додадена вредност на тоа што го презентираше на теренот.

Младиот голман на Алкалоид следнава сезона ќе има уште потешки предизвици. Лошата ждрепка за Европа, засилениот македонски шампионат, сигурно ќе го видиме и на ЕП во скандинавијата во јануари.
Првиот чекор кон новата сезона за Алкалоид е на Маврово.

„Повторно сме заедно, работиме напорно и сега ни следи еден подготвителен период, преку кој се подготвуваме на технички и тактички план. Знаеме дека овие тренинзи и активности малку се потешки од вообичаеното, но мора да работиме и да ги следиме задачите на тренерот за да дојдеме до посакуваното“, вели Галевски.

„Работиме на сите сегменти на играта, се подготвуваме и кондициски, но мора овој ритам да го издржиме, затоа што сакаме да ја доживееме таа кулминација и да бидеме во посакуваната висока форма на крајот на месец август кога ни следи тежок старт на сезоната.

На почетокот имаме квалификации во Европската лига на ЕХФ каде ќе играме двомеч со бундеслигашот Хановер, а потоа ни следи и распоред со тешки домашни дуели во Суперлигата. Нема да биде воопшто лесно, но ние ја темпираме формата, добро ни течат подготовките, имаме добра тимска хемија. Нашите амбиции се јасни, оваа екипа е составена да победува, па така ќе одиме на победа на секој натпревар во сезоната и да го прикажеме најдоброто од нас“, изјави Галевски.

Поврзани вести