Хановер утре на терен, малер ждрепка за Јагуриновски...

Фото: Mkdhandball

Екипата на Томислав Јагуриновски, Десау-Рослаер, немаше среќа во ждрепката за второто коло од ДХБ Куп (Куп на Германија) и за противник го доби актуелниот европски првак Магдебург.
Екипата на Мартин Томовски, Битенхајм, во второто коло ќе игра на гостински терен кај Гросвалштат.

Утре стартува новата сезона во Бундеслигата. Прва на терен ќе биде екипата на ТСВ Хановер-Бургдорф, противникот на РК Алкалоид во квалификациите за групната фаза од ЕХФ Европската лига. Хановер ќе игра против Гумерзбах. Мечот почнува во 19:00 часот, а ТВ пренос ќе има на ТВ Арена Спорт 5 Премиум.

Данската ракометарка Кристине Педерсен која мораше да замине од Виборг откако нејзините соиграчи се кренаа на бунт против неа, најде нов клуб. Претстојната сезона ќе игра за норвешкиот тим Ларвик.

Скјерн го загуби спорот со данската федерација околу распределбата на местата во Лигата на шампионите. Скјерн заврши на второто место во данскиот Плејоф и е официјален вице-првак, но покрај првакот Алборг, во ЛШ ќе игра екипата на ГОГ затоа што таа беше втора во Регуларниот дел на првенството.

Откако го продаде Матеј Мандиќ во Магдебург, за (неофицијално) сума од 300.000 евра, РК Загреб го откупи договорот на црногорскиот голман Харис Суљевиќ од шпанскиот тим БМ Кањас.

Германскиот шампион ХБ Лудвигсбург откако се откажа од играње во Лигата на шампионите, се откажа и од настапите во Бундеслигата. Не успеаја да се организираат ниту на пониско ниво за да продолжат да се натпреваруваат.



 

Поврзани вести