Фото: РК Еурофам Пелистер
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – РК ЗАГРЕБ 25-23 (13-12)
Манасков 8, Кузмановски 6, Хосни 4 – Главаш 7, Кларица 5
Првакот на Македонија, екипата на Еурофарм Пелистер победнички стартуваше во новата сезона на Лигата на шампионите. Пред полни трибини во Битола, Е. Пелистер го совлада шампионот на Хрватска, Загреб (25-23) и ја прекина серијата во која загрепскиот тим имаше четири победи во досегашните четири дуели.
Натпреварот беше тврд, со многу дуели, се играше позициски, двата тима го прифатија ритамот и тактичкото, индивидуалното надмудрување и голманите беа во преден план.
Гостите не се снајдоа добро на почетокот во врелата битолска атсмофера, па Е. Пелистер диктираше ритам и стигна и до плус четири по петнаесетина минути игра. Но, не ја загубија ладнокрвноста гостите и воспоставија рамнотежа, а потоа полека ја анулираа предноста сѐ до минус еден на полувреме.
Голманот Анте Грбавац имаше значајна улога во воведните минути од второто полувреме и Загреб успеа да направи пресврт и да поведе со два гола разлика (16-14, 37 мин).
Голгетерски расположен беше Манасков, а лидерски добро водеше Кузмановски, па Пелистер се врати во игра. Еден од најсилните адути секако ќе им биде голманот Сеид Хеидарирад кој беше творец на пресвртот и спречи некои многу важни шутеви.
Е. Пелистер поведе со два-три гола разлика и се чинеше дека веќе ја има победата во џеб, но Грбавац одбрани два шута во последната минута и при резултат 24-23, Загреб тргна во последен напад на кој му претходеше и тајм аут.
Одлуката Кавчич да завршува беше среќна за македонскиот тим, затоа што Словенецот не успеа да упати опасен шут, а потоа Хеидарирад својата одлична партија ја круниса со гол на празна мрежа и Е. Пелистер запиша победа од 25-24.