ПРЕГЛЕД НА ЛШ: Берлинска машина во Нант, ладен туш за Унгарците...




По шлаканицата од Магдебург во Бундеслигата, Берлин со новиот тренер Николеј Крикау „експлодираше“ на теренот во Нант и постигна 40 голови против домашниот ХБЦ Нант за прва победа во Лигата на шампионите (40-34). Нант добро парираше на брзата игра на Германците, но тие беа повисока брзина и демонстрираа ракомет достоен за Ф4.

Висла Плоцк ја запиша клучната победа на стартот на ЛШ, на тешкото гостување кај ПИК Сегед. Новото име, Мелвин Ричардсон блескаше на премиерата во ЛШ во дресот на Висла и постигна 12 голови, вклучително два погодока во финишот во кој полскиот тим стигна до водство од 33-31, подоцна и 34-32, доволно за првата победа.

Студениот туш за Унгарците на стартот на новата сезона го комплетираше Веспрем кој загуби 28-32 на гости кај Алборг во чии редови го немаше повредениот Сандер Сагосен.
Со 15 голови комбинирано од браќата Кошта, Спортинг го преживеа гостувањето во Букурешт и дома се враќа со победа од 33-30.

Блескава премиера имаше во Келце, каде што Колстад се најде во големи проблеми и во Норвешка се врати со минус од 11 гола. Алекс Влах со седум гола ја круниса премиерата, го следеа Алекс Душеббаев, Симон Сичко и Пјотр Јаросиевич со по пет погодоци.
Нов тренер, нов тим, истата стара болка. ПСЖ беше наттрчан и надигран од европскиот првак Магдебург предводен од Феликс Клар (10) и Омар Инги Магнусон (7 гола). Кај парижаните Камил Шипжак со 11 гола беше најефикасниот играч.

Барса и без Дика Мем немаше проблеми на домашен терен со данскиот ГОГ. Лудовиг Фабрегас со пет гола го одбележа враќањето во дресот на Барса, а на спротивната страна, исто така со пет гола, премиерно издание во тимот на ГОГ имаше Оли Митун од Фарски острови.


ЛИГА НА ШАМПИОНИ
1. КОЛО (РЕЗУЛТАТИ)
ГРУПА „А“

Алборг - Веспрем 32-28
Динамо - Спортинг 30-33
Келце – Колстад 38-27
Нант – Берлин 34-40

ГРУПА „Б“:
Е. Пелистер - Загреб 25-23
Магдебург - ПСЖ 37-31
Пик Сегед – Висла Плоцк 33-34
Барса – ГОГ 37-32

2 КОЛО (ПАРОВИ)
ГРУПА „А“

Берлин – Алборг
Веспрем – Нант
Спортинг – Келце
Колстад – Динамо (Б)

ГРУПА „Б“:
ПСЖ – Е. Пелистер
Висла Плоцк – Загреб
Барса – Магдебург
ГОГ – Пик Сегед

Поврзани вести