РФМ го најави турнирот „Трофеј Македонија“

Фото: РФМ

Ракометната федерација на Македонија, годинава ќе го обнови турнирот „Трофеј Македонија“ кој постоеше пред повеќе од 25 години и главно служеше за подготовка на репрезентациите во „празните“ периоди кои подоцна станаа „Недела на ЕХФ“. 
Женската сениорска репрезентација ќе биде во центарот на вниманието во Охрид од 18 до 20 септември кога ќе се одржи првото, возобновено издание на овој турнир, а гости ќе и бидат репрезентациите на Грција, Египет и Тунис. 
РФМ го најави турнирот и на своите социјални мрежи. 
 

Со особено задоволство Ве известуваме дека по подолга пауза, повторно се организира меѓународниот ракометен турнир „Трофеј Македонија“. Оваа година, турнирот ќе го збогати ракометниот календар и ќе донесе вистинска спортска возбуда.
Во периодот од 18 до 20 септември 2025 година, спортскиот центар „Билјанини Извори“ – Охрид ќе биде домаќин на ова значајно спортско случување, во организација на Ракометната федерација на Македонија.

Голема чест е што токму женската сениорска репрезентација на Македонија ќе биде носител на овој турнир и ќе ја има можноста пред својата публика да се соочи со силни репрезентации: Грција, Египет, Тунис

Овој турнир е ново поглавје и голема можност за унапредување и промоција на женскиот ракомет во Македонија, а воедно и важен чекор кон меѓународна афирмација. Дополнително, ова претставува силна потврда за афирмацијата на македонскиот ракомет и неговата улога на европската и светската ракометна сцена.

Ракометната федерација на Македонија Ве поканува сите љубители на спортот да бидете дел од „Трофеј Македонија 2025“. Очекуваме три дена исполнети со врвен ракомет, спортски предизвици и силна поддршка за нашите ракометарки.

Да ја исполниме салата во Охрид и заедно да создадеме незаборавна атмосфера!

Поврзани вести