ВЕСТИ: Тепани ракометари, трансфери, нови договори...

Француските медиуми денеска пишуваат за инцидент што се случил во градот Нант, каде четири ракометари на екипата на Балма (Н2 Дивизија) биле брутално претепани.
Откако дента екипата на Балма победила на натпреварот со Нант, вечерта дел од ракометарите одлучиле да продолжат со славењето во еден од ноќните барови во центарот. Неколку часа после полноќ, една група заминала во хотелот, друга група од четворица чекала такси кога биле нападнати од двајца непознати напаѓачи.
Двајцата напаѓачи се квалификувани како тренирани професионалци во боречките вештини, а во полицискиот извештај стои дека било еден удар – нокаут. Двајца ракометари вендаш биле во несознание. Сите четворица биле пренесени во болница каде тројца биле задржани за опсервација.

Шпанскиот ракометар Исаја Гвардиола се пензионираше летово, неговиот последен настап требаше да биде во дресот на Калифорнија Иглс во Американските квалификации за клупското СП, а во екипата на Мелзунген да биде асистент на Гарсија Парондо.
Но, повредите на шест ракометари на Мелзунген одново го активираа Гвардиола и тој е регистриран и како играч.

Легендарниот шпански ракометар, Раул Ентрериос е назначен за нов селектор на кадетската репрезентација на Шпанија. Откако ја заврши кариерата, тој почна да се обучува за тренер во Барса, а сега го направи и првиот чекор напред.

Екипата на Мелзунген потпиша нов договор со репрезентативното крило Тимо Кастенинг и тој ќе остане во клубот до 2029. Клубот каде што тренер е Гарсија Парондо се заштити од шпекулациите дека Кастенинг ќе премине во Хановер како замена за Стенхаузер кој пак ќе се пресели во РНЛ.

Екипата на РНЛ си ја обезбеди иднинатата на голманската позиција откако потпиша предвреме нов договор со голманот Давид Шпат. Неговиот договор беше до 2027, но тој стана цел на заинтересираност на некои клубови, па РНЛ реши да не ризикува и го продолжи предвреме договорот.




 

Поврзани вести