Денеска има дерби, Охрид оди во Битола

Денеска со почеток од 18 часот во Битола ќе се одигра суперлигашки дерби меч меѓу екипите на Е. Пелистер и ГРК Охрид, дуел од шестото коло во најсилната македонска конкуренција. 
Ова е претпоследното големо дерби од првиот круг. По овој меч ќе остане да се игра уште средбата меѓу Вардар и Алкалоид по што екипите од големата четворка ќе ги комплетираат меѓусебните натпревари од првата четвртина од првенството. 
ГРК Охрид имаше пех или среќа, сите дерби мечеви на стартот на првенството да ги игра на гостински терен. Играа во првото коло со Алкалоид и освоија бод, потоа тесно загубија од Вардар и сега одново одат на гости. 
Битолчани исто така првите два дерби меча ги играа како гости. Истоветно, освоија бод во Автокоманда и беа тесно поразени во Јане Сандански. Сега прв пат на домашен терен ќе играат дерби. 

Фаворитската улога, секако оди на страна на домашната екипа, како ќе се претстави Охрид во зелено-белиот амбиент, ќе видиме вечерва. Повредата на Ловро Јотиќ е хендикеп за гостинскиот состав, но тие сезонава составија силен тим со повеќе интернационалци и отсуството на еден играч, во теорија не би требало да се смета за хендикеп.

Еден час подоцна (19:00), за комплетирање на викенд натпреварите од Суперлигата, во Куманово ќе гостува екипата на Алкалоид. Шестото коло ќе биде комплетирано во вторник кога во Скопје (ТВ пренос) ќе се сретнат екипите на Бутел Скопје и Пролет 62. 
 

Поврзани вести