Гарабаја: Не смееме да грешиме во Полска

Екипата на Еурофарм Пелистер е пред второто гостување во ЛШ кое доаѓа по два врзани порази во Лигата на шампионите. Првиот очекуван од ПСЖ на гости и вториот ГОГ, дуел од кој загубените бодови во Битола можат да одиграат многу важна улога на табелата.

Следниот противник е екипата на Висла Плоцк, тим што со години се засилуваше за конечно да ја преземе доминацијата од Келце во Полска. Годинава се посилни од кога и да е, а играчкиот ростер е звучен доволно за да се чуе до Келн.

За оваа сезона го сконцентрираа квалитетот на играчите во клубот. Заминаа девет, дојдоа пет ракометари, но освен Јакуб Шишко кој е полски играч, квартетот на нови странци го сочинуваат многу познати играчи со искуството од ЛШ, а тоа се Мелвин Ричардсон, Торборн Бергеруд, Зоран Илиќ и Сергеј Косоротов.
Тие се додадена вредност на тимот во кој се Мирко Алиловиќ, Герго Фазекаш, Михал Дашек, Миха Зарабец, Леон Шушња, Абел Сердио итн.

Тоа веќе го докажуваат во ЛШ, ги совладаа Пик Сегед на гости и Загреб дома, а единствено минимално загубија и тоа во контроверзен финиш како гости кај актуелниот шампион Магдебург.

Утревечер (18:45ч) тие ќе бидат големите фаворити на мечот со Е. Пелистер, но можеби токму фаворитската улога што ќе ја носат е предноста за македонскиот тим.

„Играме со Висла Плоцк, тоа тим кој е во својот ‘прајм’. Играме во Полска, на терен на кој имаа одлична атмосфера и претставуваат сериозна закана за сите ривали. Играат со висок притисок и цврста одбрана која е добро синхронизирана и разновидна.

Мораме да бидеме фокусирани и да не правиме грешки, зашто тие веднаш ќе ја искористат таквата ситуација. Брзи се во нападот и ги казнуваат сите грешки на ривалите. Ова е Лига на шампиони, тука нема простор за импровизации. Играме против најдобрите тимови во Европа и сакаме да освојуваме бодови.

Се надевам дека нема да имаме кризен период во играта, како што беше случај на натпреварот со ГОГ Гудме, кога долго време немавме добри солуции цели 15-20 минути. Мораме да одиграме перфектно во текот на целиот натпревар, само така може да се надеваме на позитивен епилог“, изјави Рубен Гарабаја пред заминувањето на екипата за Полска.

Поврзани вести