Висла доминираше на дуелот со Е. Пелистер

Фото: РК Еурофарм Пелистер

ВИСЛА ПЛОЦК – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 36-25 (17-14)
Алиловиќ (8 одб), Ричардсон 9, Сердио 5 – Митревски (9 одб), Манасков 7, Павле Атанасијевиќ 4


Македонскиот првак Еурофарм Пелистер го запиша третиот пораз во четвртиот натпревар од Лигата на шампионите сезонава. На гостувањето во Полска, битолчани беа високо поразени од првакот на Полска, Висла Плоцк (25-36) во натпревар што ќе настојуваат што побрзо да го заборават.

Висла Плоцк беше фаворит на денешниот натпревар и таа улога почна да ја оправдува уште од почетокот на мечот во кој данските судии Мадсен и Хансен уште од првата минута дадоа до знаење дека нема да имаат никаква толеранција за зафатите на Абутовиќ и Хенигман, па така по само седум минути и двајцата заработија по една двоминутна казна.
Полскиот состав, полн со познати имиња вешто создаваше добри позиции за гол, но Никола Митревски на почетокот на средбата имаше четири одбрани наспроти ниту една на норвешкиот голман Торборн Бергергуд и таа статистика искомбинирана со неагресивната зона на домашните го одведе македонскиот тим и во водство во два наврати во првата четвртина од мечот (8-7, 9-8).
Но, се прилагодија на нападот на Е. Пелистер домашните, Абутовиќ во 17 минута заработи и второ исклучување и почнаа да се појавуваат слабости во играта на македонскиот состав кој брзо се најде во игра во која немаше решенија.
По 9-9, домаќините стигнаа до 13-10, стигна на ред и ротацијата која во игра ги внесе Зарабец и Косоротов па стана и побрзо на теренот и Висла водеше со 17-12, пред Павле Атанасијевиќ да ги постави конечните 17-14.

Во вториот дел беше полошо од агол на македонскиот тим.
По три минути игра Ник Хенигман заработи директен црвен картон, а Висла од 19-16 стигна до 23-16.
Со тоа комплетно беше прекршен натпреварот, во 47 минута прв пат беше плус 10 (30-20), а на Рубен Гарабаја не му остана ништо друго освен да им даде шанса на сите ракометари до крајот на натпреварот кој заврши со 11 гола разлика за полскиот состав.

Во следното коло од ЛШ, ќе има спектакл во Битола затоа што прв пат во историјата во најракометниот град доаѓа Барселона.

Поврзани вести