Прв пораз на Вардар сезонава

КРИСТИЈАНШТАТ – ВАРДАР 32-31 (14-11)
Ал Кафаџи (13 одб), Мансон 13, Офорс 5 – Валах (18 одб), Хориха 8, Малус 6, Боно 6


Македонскиот вицепрвак, екипата на РК Вардар 1961 го претрпе првиот пораз во новата сезона, несметајќи го поразот од Е. Пелистер во Суперкуп натпреварот.
Вардар сезонава имаше 11 победи во Суперлигата и две победи во ЕХФ Европската лига, пред да дојде на ред гостувањето кај Кристијанштат во рамки на третото коло од ЕХФ Европската лига.

Швеѓаните во пресрет на оваа пресметка со Вардар 1961 имаа скор од 0-8 против црвено-црните. Тоа беа порази наредени од 2014 до 2019 во Лигата на шампионите. Традицијата запре, за сѐ има прв пат, па така и прв пат Кристијанштат славеше победа над Вардар 1961.

Швеѓаните подобро го отворија мечот. Поведоа со 6-3 пред мечот да влезе во игра гол за гол. Во 22 минута беше 12-8, пред крајот на полувремето 14-10. На одмор се замина со резултат 14-11.

Беше лесно предвидливо од каде ќе дојде најголемата опасност за Вардар 1961. Аксел Мансон, ол стар играчот од последното јуниорско СП постигна 13 гола и уште еднаш се истакна како кандидат за репрезентацијата што во јануари ќе биде кодомаќин на ЕП.
Во второто полувреме по само шест минути игра, Вардар 1961 ја анулираше негативата и израмни на 16-16. По ова почна одново игра гол за гол, Швеѓаните диктираа ритам и имаа повеќе од водството, но во финишот Вардар направи пресврт и поведе со 31-30.
Следните два гола завршија во мрежата на македонскиот тим за конечни 32-31.
Со идентичен резултат (32-31), Сесвете на домашен терен го совлада тимот на Тулуз.

На табелата во моментов води Кристијанштат со 5 бода, Вардар има 4, Сесвете има 3 бода, а разочарување е екипата на Тулуз која и натаму е на нула.

Поврзани вести