Доаѓа ли крај за специјалистите во ракометот?

Фото: РК Алкалоид

Светската ракометна федерација (ИХФ) на неодама одржаното Светско првеснтво У17 во Мароко, за пионери, тестираше неколку нови односно изменети правила на игра.
ИХФ има таков обичај, пред да донесе финална одлука да тестира на младински натпреварувања промени на правила, технички иновации и слично. (Ако се сеќавате на кадетското СП во Македонија беше тестирана топка без лепак).

Тестот во Мароко привлекува внимание поради две правила. Таму не беше дозволено да се игра „седум на шест“, и сега знаеме во кој правец размислува ИХФ по ова прашање.
Поголемото внимание привлекува правилото измена да може да прави само екипата која е во посед на топка.
Тоа би можело да биде новата „револуционерна“ промена што ќе има големо влијание врз начинот на кој се игра.

Ако ова правило биде имплементирано, тоа ќе значи крај за специјалистите или ракометарите што играат во еден правец, особено тие што играат само одбрана.
Бесмислено ќе стане да се има дефанзивен специјалист во тимот, затоа што тој во игра ќе може да влезе само кога екипата е во напад.
Ништо поразлично нема да биде ниту со играчите што играат само во напад. Тие, пак, нема да можат да излезат од игра кога противничкиот тим ќе има топка и ќе напаѓа.

Ако ова правило се имплементира, тогаш тренерите односно екипите ќе мораат да формираат ракометари што мора да играат во два правца или да ги подобрат колку што ќе се може напаѓачките можности на дефанзивците или пак, одбранбените способности на класичните напаѓачи.

Измените беа тестирани на СП во Мароко, сега се прави евалуација, ќе бидат дополнително анализирани и очекуваме од ИХФ наскоро одлука за тоа што планираат натаму.




 

Поврзани вести