-
14.12.2025
-
Македонски ракомет
Фото: ГРК Охрид
ГРК ОХРИД – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 29-25 (13-11)
Пилиповиќ (12 одб), Петриќ 7, Ојлески 4, Ѓукиќ 4 – Хеидарирад (8 одб), Манасков 8, Павле Атанасијевиќ 4
Екипата на ГРК Охрид го потврди новото клупско реноме и вечерва прв пат во клупската историја славеше победа над екипата на Еурофарм Пелистер.
ГРК Охрид победи со 29-25, а звучи неверојатно, но не беа далеку ниту од двоцифрена победа домашните ракометари против актуелниот првак на Македонија и екипа која пред само два месеца ги совлада без поголеми тешкотии со шест гола разлика, водејќи и 10 гола во еден момент.
Охриѓани вечерва беа блиску комплетно со сосема иста мерка да им вратат за тој натпревар.
Историската вечер во „Билјанини извори“ почна со добар вовед на Хеидарирад и бавен ракомет во кој по 15 минути игра резултатот беше 5-5. Можеше да се насети дека ГРК Охрид е порасположен тим за игра. Таква енергија емитираа од теренот двете екипи, а како минуваше времето впечатокот стануваше и посилен и се материјализираше на семафорот.
Гол за гол се играше, а домаќините го контролираа резултатот и во еден момент по 25 минута одбраната на охриѓани им сервираше шанса на напаѓачите кои од 10-10 стигнаа со 13-10 на воодушевување на гледачите во преполната сала.
На полувреме беше 13-11, а во вториот дел таа разлика веднаш порасна на 14-11, а во 38 минута беше 18-14 што го принуди тренерот Звонко Шундовски да побара тајм аут.
Нема да погрешиме ако кажеме дека промената на рамнотежата на теренот ја донесоа двајца ракометари – Стефан Петриќ и Томи Јагуриновски. Не беше спремна на нив битолската одбрана и полека почна да се распаѓа играта на првакот. Потоа се придодаде и голманот Пилиповиќ кој имаше вкупно 12 одбрани, но беа и добро распоредени и во важни моменти.
Преголема беше осилацијата во гостинскиот состав во однос на дербито со Вардар од пред некој ден, непрепознатливи беа сите во битолскиот тим. Домашните влегоа во фаза на еуфорија во која речиси сѐ му одеше од рака на секого и во 52 минута имаа неверојатен резултат од 27-18.
Потоа тренерот Ројевиќ побара тајм аут и оттогаш запреа охриѓани, се фокусираа на времето и одбрана на резултатот што придонесе гостинската екипа да постигне неколку полесни голови и да го запре налетот, но без никаква шанса да се врати во игра.
Поврзани вести