-
22.12.2025
-
Македонски ракомет
Македонската репрезентација денеска го има првиот собир и ги почнува подготовките за настапот на Европското првенство што во јануари ќе се игра во Данска. Селекторот Кирил Лазаров ги најави ЕП и подготовките на репрезентацијата
„Континуитетот го имаме, пак сме на едно големо натпреварување, тоа е Европското првенство, што е нормално за македонскиот спорт, за навивачите. Ја добивавме поддршката изминатите децении, таму се најдобрите репрезентации во Европа.
Може да кажам дека ЕП е дури и поквалитетно од СП, така да имаме на што да атакуваме. Нема да се жалиме, групата е таква каква што е, не можевме да добиеме послаба група кога сме во трет шешир, прашање беше само дали ќе ја добиеме Данска, Франција или Германија.
Го имаме од првиот шешир светскиот и олимписки шампион, од вториот шешир ја добивме Португалија која на последното првенство играше полуфинале и се бореше за медал. Трет ривал е Романија.
Спортски е да се надеваме, да се бориме, да го дадеме најдоброто од нас. Ќе имаме квалитетни подготовки овозможени од РФМ да се спремиме.
Составот е тој според стандардните, ќе ни фали Милан Лазаревски кој се уште не е долечен и нема натпревар оваа сезона, така што шанса добија други играчи. Наше е да се спремиме и да го дадеме најдоброто од нас. Не е коректно и реално да даваме преоптимистички изјави, туку да ветиме дека ќе го дадеме најдоброто од нас, а ќе видиме тоа за што ќе биде доволно.
Против нас ја имаме Данска која е домаќин, Португалија со ракомет во подем и генерација која созрева. Ние полека ја променивме селекцијата, големиот дел од играчите се истите што настапуваа на Светското првенство. Поискусни за една година.
Имаме доволно време и мораме да бидеме умерени оптимисти иако ситуацијата не е таква за да бидеме такви. Романија нема да ја потцениме, имаме максимален респект за нив, се работи за селекција со традиција. Можеби во последно време тимот не е она што беше, но ние ќе имаме почит.“
Мислам дека ние пополека го градиме тој победнички менталитет. Респект максимален за сите имаме. Се познаваме подолго. Јас очекувам поддршка за овие млади момци надоградени со двајца поискусни играчи над 30+. Другите се сите под 30 години. Мислам дека ако тие ја почувствуваат поддршката ќе имаат и поголем оптимизам со позитивен исход.
Селекторот е тука, јас сум спремен за сите критики и да го понесам товарот, но верувам во овие играчи и оваа селекција. Одиме ден за ден, чекор по чекор, да се подготвиме добро. Имаме пријателски мечеви до шампионатот, така што играчите кои во македонската лига не добиваат шанса, а се репрезентативци, затоа што нас изборот ни е тој, не може да решаваме со изборот, затоа така е направен подготвителниот период со повеќе натпревари, за играчите кои добиваат помала шанса во нивните клубови, да имаме пооптимална форма за првенството. Нема да имаме физички подготовки толку, туку играчите да се внесат во оптимална форма како колектив за шампионатот“
Поврзани вести