Актуелно

Премногу промашени зицери и пораз во Пореч

Фото: РФМ

ХРВАТСКА - МАКЕДОНИЈА 26-23 (14-11)
Славиќ (16 одб), Љевар 6 - Митревски (13 одб), Кузмановски 7


Репрезентацијата на Македонија го одигра првиот контролен меч пред настапот на ЕП. Гостуваше во Хрватска која настапи со играчи што сакаат да се наметнат кај селекторот, па играа борбено, блиску на граница на опасна игра. Македонија промаши премногу чисти шутеви за да стигне до победа. Ќе има корис од овој меч селекторот, ќе има доста за анализа и корекција, а за тоа секако добредојдени ќе му бидат и следните три контроли. 

Првиот дел мина во израмнета игра во која резултатски подобро минуваше репрезентацијата на Хрватска. Македонија покажа повеќе комбинаторика, особено во првите 20 минути од натпреварот, но тоа не можеше резултатски да го преслика како предност затоа што ги промаши првите три пенали, а згора на тоа промашија македонските ракометари и најмалку четири шутеви еден на еден со голманот Дино Славиќ. Хрватскиот чувар на мрежата имаше шест интервенции по 30 минути игра, но сите беа после одработени акции на нашиот тим и беа распоредени така што направија разлика.
На спротивната страна и Никола Митревски беше одличен, имаше и одбрана повеќе од Хрватот, и со неговите одбрани останувавме во игра и доаѓавме во шанса да направиме пресврт, шанса што главно завршуваше со промашен зицер.
Хрватите не комбинираа многу, цели 20 минути се потпираа на бековите Љевар, Павловиќ и Свржњак кои шутираа од дистанца со процент 60:40 против македонскиот голман, а повеќе ракомет од нив видовме дури по влегувањето на Анте Иванковиќ од ГРК Охрид кој малку го промени начинот на кој напаѓаа.
Резултатски, по 1-0 и 2:1 за Македонија, Хрватска искористи грешки и промашувања, па поведе со 4-2, потоа имаа 6-4, беше и 7-7 пред Македонија да врзе неколку грешки и промашувања што нѐ одведе до минус од 7-10, а таа разлика благодарение на споменатите моменти се одржа и до крајот на првото полувреме што заврши со резултат 14-11.
Покрај Митевски во нашиот тим во првиот дел реализаторски расположен беше Филип Кузмановски, а шанса да играат преку ротацијата добија повеќе играчи од кои ќе ја издвоиме минутажата што ја доби и младиот пикер Самоил Ристевски.
Уште една одбрана на Славиќ, едно сомнително пробивање и Хрватска на стартот на вториот дел поведе со плус пет (16-11). Следеа два гола на крилото Ненад Костески и еден промашен шут на празен гол по што Македонија се врати на минус три (13-16),
Имаше Македонија уште еден зицер еден на еден при 14-17, но одново Славиќ беше поуспешен, овој пат од Кузмановски.

Хрватска потоа поведе 18-14, по што следеше и четвртиот промашен пенал на Македонија. Среќа за нашиот тим беше што Никола Митревски му симна шут на Леон Љевар и не дозволи нови минус пет, па Македонија доби шанса и ја искористи за да намали на 15-18. Потоа, конечно погодивме и еден пенал, па во 40 минута беше 16:18.
Галевски влезе за момент и му одбрани пенал на Главаш, по што Македонија нападна и за минус еден, но нов зицер промашивме.
Потоа мал подарок добија домашните од судиите и место топка за Македонија таа беше доделена на домашните по што постгинаа гола, потоа уште еднаш добија топка домашните и погодија празен гол и веднаш беше вратена разлика на 19-16.
Галевски му одбрани и втор пенал на специјалистот за седмерци, Филип Главаш, но заспаа нашите играчи и одбиената топка заврши во аут, а во продолжение домашните постигнаа гол за 20-17 во 46 минута.
Македонија намали на 19-20, а притоа, при голот што го постигна Петар Атанасијевиќ беше опасно фаулиран и директен црвен картон заработи Филип Главаш.
При резултат 22-20, Македонија го промаши и петтиот пенал, но промашија и домашните, па Џонов намали на 21-22 во 54 минута.
До крајот Македонија одигра во ист стил - пропушти шанса да влезе сериозно во игра за реми и со играч повеќе во поле и конечно домашните го приведоа мечот до крајот.

 

Поврзани вести