Фото: РФМ
Македонската репрезентација привршува со подготовките во Скопје нивната следна етапа ќе биде настап на турнирот во Шафхаузен, Швајцарија и потоа настапот на ЕП 2026 во Хернинг, Данска.
Никола Митревски, еден од најискусните во националниот состав, ќе ја предводи Македонија на претстојното ЕП.
„Завршивме со првата фаза од подготовките, мислам дека добро се работеше и се тренираше со вистински интензитет. Во Скопје продолживме онаму каде што застанавме во Пореч, имаме уште неколку дена до следниот турнир во Швајцарија, сега работиме повеќе на деталите и да бидеме многу поподготвени за средбите што се пред нас, како финални подготовки за ЕП.
Данска е број 1 фаворит на ова ЕП, иако ние ја победивме пред неколку години додека беше актуелен светски првак. Сепак, мислам дека се надмоќни во однос на сите други селекции.
Португалија е исто така репрезентација што играше полуфинале на последното СП, има многу квалитетни играчи кои напредуваат од година во година, но Португалците даваат можност да се надигруваш со нив и да се надеваш на позитивен резултат.
Со Романија имавме неколку натпревари во последните години, секако ги почитуваме, така што ќе оставиме времето да покаже како ќе заврши тоа натпреварување. Наше е да се подготвиме најдобро што можеме, да го исполниме она што ќе го побара стручниот штаб и да го дадеме максимумот на натпреварите“, изјави Митревски.