Фото: РК Еурофарм Пелистер
Заврши неизвесноста во Битола во поглед на тренерското прашање. Овој пат мина во сенка на репрезентацијата и без премногу шпекулации околу името на новиот тренер.
Битолчани се решија за македонско решение за клупата, Стевче Алушовски, добро познат ракометен тренер и поранешен македонски репрезентативец ќе биде новиот тренер на РК Еурофарм Пелистер.
Алушовски добро ја познава средината во која ќе работи со сите нејзини позитивни и негативни страни, играчите и играта му се добро познати, а со себе носи и дополнителен шарм во дерби натпреварите затоа што ќе го води Е. Пелистер против два свои поранешни клубови – ГРК Охрид и РК Вардар 1961.
Нашиот нов почеток во 2026 година е поврзан со добро познато име. Стевче Алушoвски е нов тренер на Еурофарм Пелистер и ќе ја води нашата екипа до крајот на оваа сезона. 53-годишниот тренер по неколку години се враќа во својот матичен клуб, во улога на тренер на шампионот на Македонија. Алушoвски во два наврати водеше клуб од Битола - Пелистер и Еурофарм Работник, а сега го презема тимот на Еурофарм Пелистер.
Нашиот прославен репрезентативец тренерската, како и играчката кариера, ја започна во Битола. Во мак-ракометот ги водеше Вардар 1961 и Охрид, а кратко работеше и во Исланд. Прозивката на новиот тренер е закажана за в среда (14 јануари) во 17:00 часот.