Вардар се поднови во Мулти Есенс

Фото: РК Вардар 1961

Екипата на Мулти Есенс, развојниот тим на РК Алкалоид се етаблираше како лидер во младинските категории и стана најголема развојна база на македонски ракометари.
Како достигнуваат зрелост, овие ракометари стануваат интересни за суперлигашите. Бутел одново доби играч на Мулти Есенс, а сега и екипата на Вардар 1961 ги поднови своите редови со еден од најдобрите ракометари на Мулти Есен.

Вардар потпиша долгогодишен договор со еден од најперспективните млади ракометари во својата генерација, Бобан Поповски, играч кој и покрај младата возраст зад себе веќе има богато искуство и индивидуални и екипни успеси.
Поповски ги направи првите ракометни чекори во екипата на Преспа, по што следуваше развоен период во Алкалоид, каде настапуваше за младинските и кадетските селекции. Во актуелната сезона тој е дел од Мулти Есенс, настапувајќи за првата екипа во Првата лига, но и како стандарден член на младинскиот и кадетскиот состав.

На репрезентативно ниво, Поповски е кадетски и младински репрезентативец на Македонија. Особено се истакна на квалификациите за кадетското европско првенство, каде беше најдобар стрелец, потврдувајќи го својот голгетерски инстинкт и лидерски потенцијал.

Во досегашната кариера има освоено трофеј во Пионерската лига, како и во Кадетската лига, а во 2024 година беше прогласен за МВП на Пионерскиот Ф4 турнир. Минатата сезона беше дел од Ол-стар тимот на кадетскиот Ф4, а има и трофеј во Младинската лига, што дополнително го потврдува неговиот континуиран напредок.

Поврзани вести