Натпреварот меѓу Македонија и Данска ќе почне во 20:30 часот и ќе биде директно пренесуван на МТВ
Фото: РФМ
Репрезентацијата на Македонија денеска ќе го почне настапот на Европското првенство со дуел со домашната репрезентација на Данска.
Првиот противник на Македонија е веројатно најсилниот тим на денешницата, тим во кој само споменувањето на играчите изгледа како своевидно составување на ол стар тим на годината.
Емил Нилсен, Матијас Гидсел и Симон Питлик се водечкото трио, заедно со пикерот Магнус Саугструп и крилните ракометари Емил Јакобсен и играчот што ја одбра Данска место Фарски острови – Јохан Хансен.
Нивната втора постава, во која се голманот Кевин Мелер, крилото Магнус Ландин, пикерот Симон Халд и бековите Расмус Лауге, Менса Ларсен и Мадс Хоксер е исто така постава што може да игра за медал на кое било натпреварување.
Македонија, пак, е една од ретките земји што ја победила Данска во последните пет години. По таа статистика сме во одбрано друштво со Франција, Шпанија, Словенија и Исланд. Имаме победа над нив во 2021 на селекторското деби на Кирил Лазаров кога Данска во која играа и Миксел Хансен, Никлас Ландин, плус Гидсел, Нилсен, Лауге... беше совладана во Скопје 33-29. Тоа е и единствената победа на Македонија во осумте официјални натпревари со Данска.
Данска е големиот фаворит за бодовите денеска, но клучната статистика на Македонија на ова ЕП може да биде гол разликата, затоа не е сеедно како ќе заврши денешниот меч.
Синоќешните порази на Чешка од 14 гола и на Украина од 17 гола разлика и отвораат шанса на Македонија за место во Топ 16 и треба да бидат искористени.