Репрезентацијата на Србија ја сервираше првата сензација на ЕП. Вечерва пред 9.000 гледачи во Хернинг, главно Германци, Раул Гонзалез и Србија ја совладаа Германија со 30-27 и за пласман во Главната рунда сега ќе им биде потребна победа над Австрија.
Германија е блиску до елиминација. Играа подобро во првиот дел Германците, имаа во најмалку три наврати шанса да го прекршат натпреварот, но делуваа премногу самоуверено и тоа им се удри од глава во вториот дел. Србија доби крила, на германските играчи почна да им треперат рацете, а клучен момент можеби беше тајм аутот на минус еден разлика што го зема нивниот селектор во момент кога Германија постигна гол. На крајот Србија победи 30-27 и со едната нога е во главната рунда.
Стефан Додиќ е МВП на натпреварот, а клучна работа заврши голманот Дејан Милосављев.
Престојот на Германија не е завршен, доколку ја победат Шпанија со три гола разлика ќе ги елиминираат „хиспаносите“.
Но, евентуалната елиминација на Германија ќе биде огромен удар и за ЕХФ и организаторите на ЕП.
Системот 4х6 групи инсталиран откако ЕП се прошири на 24 репрезентации што го бранат по секоја цена сега се враќа да ги апне за г...т.
Евентуалната елиминација на Германија ќе значи минус од близу 10 илјади германски навивачи дневно во Данска, ТВ гледаноста сигурно ќе падне заедно со сите оние бројки со кои ЕХФ редовно се фали на крајот на секое првенство.
Репрезентациите на Австрија, Чешка и Украина се првите што ја дознаа својата судбина на тековното ЕП. По две кола тие математички ги загубија шансите да се пласираат во Главната рунда и во понеделник откако ќе го комплетираат третото коло ќе се спакуваат за дома.
Од другата страна, пак, Франција и Норвешка верификуваа пласман во следната рунда.