Иван Џонов беше пријатното изненадување во таборот на нашиот тим. Крилниот ракометар се пронајде и во дефанзивната зона како исклучително корисен играч во спречувањето на течноста на нападот на противниците, иако првенството го играше со пех – повреда.
„И ден пред овој меч кажав, ако има и најмала шанса, ако не постои преголем ризик од влошување на повредата, дека ако треба ќе играм и со една нога, само да помогнам да стигнеме до резултатот што го посакувавме. Лекарите ми кажаа дека би можел да играм низ болка, ниту за момент не размислував, се ставив на располагање.
Среќен сум што заедно со сите останати дадов свој придонес за да стигнеме до овој триумф. Почнавме одлично, штета што не стигнавме до поубедливо водство на почетокот во кој целосно доминиравме.
Потоа противникот се врати, влеговме во неизвесна завршница, но целосно ја заслуживме оваа победа со прикажаната игра и карактерот, како на овој меч, така и на целиот турнир. Ова е голем триумф, не само за пласманот на ова ЕП, туку и за наредниот период и квалификациите што ќе ни следат за СП 2027“, истакна Џонов.