Photo: Felix Walker
ИСЛАНД – ШВАЈЦАРИЈА 38-38 (19-19)
Торкелсон 8, Видарсон 8 – Ноам 8, Стејнертс 6
Репрезентацијата на Исланд прокоцка голем дел од капиталот за полуфинале на денешниот натпревар со Швајцарија. Островјаните по големата победа над Шведска од осум гола разлика имаа отворен пат кон полуфиналето, но за тоа им требаа две победи, над отпишаната Швајцарија и над Словенија во последното коло.
Но, денеска Исланд не беше ни сенка на оној Исланд што ја победи Шведска. Грешеа во додавање, им испаѓаа топки од раце, промашуваа шутеви на празен гол, а иако имаше само седум одбрани, голманот Портнер стана кошмар за стрелците на исландскиот тим.
Швајцарија, репрезентација која ништо особено не добива со денешното реми, цело првенство успева да прокоцка сигурни победи, а и денеска тоа успешно го „изведе“ откако имаше плус два на минута до крајот.
Физички посилните Швајцарци ја неутрализираа играта еден на еден на исландскиот состав и им го сокрија голот на нивните бекови, оставајќи најчесто да решава крилото Торкелскон кој имаше и добри и лоши моменти.
Во нападот, исто така ја искористија физичката сила за да се пробиваат до голот, но нивната најголема помош беше лошата концетрација на Исланд кој пропушти премногу шанси за да победи.
Швајцарија благодарение на Портнер си обезбеди водство од 2-3 гола разлика што Исланд неуспешно го бркаше цел натпревар. Иако во еден момент успеаја и да поведеат, Исланѓаните брзо прокоцкаа, па во финишот бркаа реми.
Тоа им појде од рака откако Швјцарија престрого или не, остана со четири играчи во поле, а згора не тоа и направија пробивање, па Исланд тргна во напад во последните 30 секунди со играч повеќе.
Не успеаја да организираат акција, последниот шут заврши во блокот, а средбата заврши нерешено, со што во игра на голема врата се враќаат Словенија и Хрватска за полуфиналното место.