Photo: IHF
ХРВАТСКА – СЛОВЕНИЈА 29-25 (14-11)
Лучин 7, Мандиќ 6 – Д. Макуц 6, Сухолежник 6
Репрезентациите на Хрватска и Словенија денеска се бореа за профит од нерешениот резултат на Исланд, а бенефит од тоа реми ќе видат Хрватите.
Хрватска ја совлада Словенија, го мина Исланд на табелата и за пласман во полфинале, утре ќе треба да го совлада составот на резултатски отпишаната Унгарија.
Ги гледавме денеска Исланд и Швајцарија, ги гледавме Хрватска и Словенија. Тоа веќе не се истите репрезентации што играа досега. Уморот очигледно стигнал во сите овие тимови и тоа се одразува и на начинот на кој играат. Таков е нашиот впечаток.
Денешниот меч меѓу Словенија и Хрватска немаше многу заеднички елементи со современиот ракомет, туку потсетуваше на праисторискиот, со многу одење по терен, паѓање, лежење по секој дуел, долги неубедливи напади итн.
Словенија која допатува без девет планирани играчи беше во полоша состојба од Хрватите. Хрватите денеска го имаа Иван Мартиновиќ само на 30% (3/10), а можеби го загубија и Звонимир Срна кој имаше реализација од 14% (1/7), но и се пожали на повреда и не го заврши натпреварот.
Го имаа и Тин Лучин кој постигна 7 гола од 9 обиди и беше Х факторот во хрватскиот состав.
Резултатски, репрезентацијата на Хрватска го контролираше резултатот од раната фаза (6-3, 9-6, 14-11).
Во вториот дел Словенија со последните сили успеа да израмни на 18-18, но потоа на сцена стапи и голманот Кузмановиќ кој со четири одбрани по ред ги врати назад во предност своите соиграчи кои потоа ја довршија работата до крајот и запишаа победа од 29-25.
ДЕНЕСКА НА ЕП
ШВАЈЦАРИЈА – ИСЛАНД 38-38
СЛОВЕНИЈА – ХРВАТСКА 25-29
20:30 ШВЕДСКА – УНГАРИЈА - (МТВ, ТВ АРЕНА СПОРТ 2 ПРЕМИУМ)
ТАБЕЛА
1. Хрватска (6) 2. Исланд (5), 3. Шведска-1 (4), 4. Словенија (4), 5. Швајцарија (2) 6. Унгарија -1 (1),
ПОСЛЕДНО КОЛО (УТРЕ)
15:30 СЛОВЕНИЈА – ИСЛАНД
18:00 ХРВАТСКА – УНГАРИЈА
20:30 ШВЕДСКА - ШВАЈЦАРИЈА