Вардар 1961 имаше неуспешно отворање на европската 2026. Вечерва во Лисабон, македонскиот тим комплетно разочара, беше релативно лесно совладан во натпревар на кој прими 40 гола и покрај 16-те интеревенции на своите голмани.
ЕХФ ЕВРОПСКА ЛИГА
БЕНФИКА – ВАРДАР 1961 40-35 (24-16)
Капдевил (8 одб), Вајлупов 7, Валенсија 6, Табоада 6 – Валах (16 одб), Хориха 9, Тузолана 8, Пинто 4
Необично брзо се играше на почетокот на натпреварот, практично без одбрани, напред-назад и Вардар подобро се снајде од Бенфика и во првите пет минути поведе со 6-3, потоа беше и 7-4, па Хота Гонзалез мораше уште во оваа рана фаза да искористи еден тајм аут.
Оваа фаза, на крајот се покажа како најдобриот дел на Вардар на натпреварот.
По тајм аутот се сменија работите на теренот. Бенфика брзо стигна до израмнување, не минаа ни десет минути кога беше (7-7), потоа Бенфика поведе со 9-8, набрзо беше 12-10...
Играта не беше хаотична, се смири малку темпото, но Вардар не заигра одбрана. Бенфика лесно доаѓаше до позиција за гол, успеваше и да се одбрани и нивната предност почна да расте.
Вардар беше непрепознатлив во однос на претходните важни натпревари. Изостана вистинската борба. Најмотивиран на теренот изгледаше Мигел Пинто, очигледно желен што подобро да се претстави пред своите сограѓани.
Бенфика во еден момент стигна и до плус девет (24-15) и на Вардар му се закануваше и катастрофален пораз. Среќе стигна полувремето, па тренерот Иван Чупиќ имаше 10-тина минути на располагање да ги оживее своите ракометари.
Милош Валах и Димитро Хориха се разбудија во второто полувреме, но тоа ни оддалеку не беше доволно за да се смени нешто повеќе резултатски. Вардар играше подобро, го поправи малку впечатокот, но Бенфика контролираше сѐ на теренот. Немаше толку борбен дух во редовите на Вардар за домашните да се загрижат за епилогот.
На семафорот, пет-шест, сѐ до крајот на натпреварот. Во финишот домашните поведоа одново со седум разлика (38-31), но не запнаа до крај за што повисока победа.