Мелзунген со втор тим против Вардар во Скопје

Фото: РФМ

Екипата на Мелзунген, противник во ЕХФ Европската лига што досега нема пораз во ова европско натпреварување и практично е пласиран во следната фаза, во Скопје ќе игра со вториот тим.

Тренерот Гарсија Парондо и асистентот Фин Лемке, по натпреварот во Хамбург од Бундеслигата ја раздвоија екипата и место кон Скопје, кон својата германска база заминаа речиси сите битни ракометари односно против Вардар нема да играат Даинис Криштопанс, Небојша Симиќ, Криштоф Паласиц, Адриан Сипош, Давид Мандиќ, Владислав Кулеш, Оле Шиферт, Арнар Арнасон, Тимо Кастенинг и Николај Ендерлејт. Ситни повреди, вирус, штедење од умор, шанса да земат воздух се генерално причините за ваквиот потег на Мелзунген.

„Им веруваме на младите ракометари“ изјави Фин Лемке, а тоа подразбира дека во Скопје ќе играат ракометари за кои речиси сигурно ќе слушнете прв пат во животот, а тоа се Лино Дукетир, Макс Преглер, Јонатан Атинг, Јонас Рике, Леандер Алтена, Леон Штел, Јасон Вилфер и Павел Кравчук.

Ова е големата шанса Вардар да го избрише минусот од натпреварот со Бенфика и на свој терен да ја води можеби клучната битка.

Натпреварот ќе се игра утре во Скопје со почеток од 20:45 часот.




 

Поврзани вести