Е. Пелистер со бод се враќа од гостувањето во Данска

Фото: РК Еурфарм Пелистер

ГОГ – Е. ПЕЛИСТЕР 28-28 (15-11)
Митун 7, Лике 6, Расмусен 5 – Видомски 7, Кузмановски 6, Граховац 6


Екипата на Еурофарм Пелистер со освоен бод се враќа од гостувањето во Лигата на шампионите кај данскиот ГОГ.
Екипата која во есенскиот дел лесно ги освои бодовите во Битола, денеска беше на добар пат да го повтори тој успех, но го „потценија“ борбениот морал и квалитетот на битолчани и на крајот на мечот во игра беше резултатската нишалка по која бодовите беа поделени.

Голманот на ГОГ, Салах Бутах беше играчот што ја направи разликата во првиот дел натпреварот во кој данскиот тим постојано беше во водство.

Главно два до три гола разлика имаа во своја полза домашните ракометари (6-3, 10-7, 11-8), на моменти водеа и со четири гола (8-4, 12-8), а максималното водство беше (13-8), односно пет гола разлика.
Е. Пелистер наоѓаше начин како да се одржи во игра, а очекувано поголема шанса и одговорност и минутажа доби новодојдениот пикер Никола Граховац кој се покажа во одлично издание и сигурно ќе биде подобро решение за Алушовски отколку што ќе беше неговиот египетски претходник.

Во второто полувреме работите полека почнаа да се менуваат. На сцена стапи Никола Митревски кој почна да ги симнува шутевите на данските бекови, а на спротивната страна Филип Кузмановски ј одработуваше својата улога.
Не треба да се потенцира дека заслугата ја носи целиот колектив, но од овие двајца ракометари почна да се менуваат настаните на теренот.
Данците и натаму беше комотни, не ја препознаа опасноста се до 52 минута кога Е. Пелистер го израмни резултатот (24-24). Веднаш потоа следеше и првото водство (25-24) и напад за плус два. Тој напад можеби ќе беше клучен за победа, можеби не, нема да дознаеме. Не го искористи Е. Пелистер, па мечот се врати во резултатски егал, а кулминацијата беше во последната минута во која прво Оли Митун погоди за водство на ГОГ, а веднаш потоа Видомски врати за реми. ГОГ имаше последен напад, Митун беше во налет, фаулиран, судиите од БиХ прегледуваа снимка и заклучија дека нема елементи за седмерец туку само за девет метри по што бодовите беа поделени.

Овој осовен бод ќе ја одложи елиминацијата на Е. Пелистер, шансите да се напредува во следната фаза и натаму се темелат на математички пресметки и очекувања на пример ПСЖ да загуби на сите три натпревари, а Е. Пелистер да победи на дуелите со ПСЖ и Барса. Но, освоениот бод оди на конто на рејтингот на македонскиот првак во следните пресметки за места во Лигата на шампионите.

Поврзани вести