Вардар ја освои Битола и направи голем чекор кон титула

Foto: RK Eurofarm Pelister

Е. ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР 1961 22-27 (12-11)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари.
Е. ПЕЛИСТЕР: Митревски, Хеидарирад, Абутовиќ, Манасков 3, Видомски 3, Ристевски, Хакбарт 3, Граховав 1, Хенигман 1, Радивојевиќ 2, Кузмановски 3, Петар Атанасијевиќ 2, Хосни 2, Хаџиќ, Павле Атанасијевиќ 1
Седмерци: 3/6 Исклучувања: 2 мин.
ВАРДАР 1961: Валах, Гогов, Стојановски, Воркапиќ 2, Боно, Георгиевски 2, Кеита, Митровиќ, Атанасовски, Силва 3, Малус 8, Јанковски, Хориха 1, Танкоски, Тузолана 4, Лазаревски 7
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 6 мин.

Екипата на Вардар 1961 направи голем, мошне веројатно и репавачки чекор во битката за шампионската титула во македонската Суперлига, откако вечерва славеше победа на гостински терен над директниот ривал Еурофарам Пелистер.
Сега Вардар 1961 има шест бода предност пред првиот ривал и возвратен меч на домашен терен и само чудо може да ги спречи црвено-црните по пауза од три години да го вратат шампионскиот пехар во Скопје.
Вечершната победа на Вардар 1961 не беше лесно да се предвиди нити откако почна натпреварот. Домашниот тим изгледаше како подобро да се снаоѓа во полната сала. Поведе со 5-3, имаше и 7-4, а откако го одби првиот налет на гостите кои израмнија на 8-8 во 19 минута од првиот дел одново стигна до плус три 11-8.
На крајот н полувремето, 12-11 за Еурфарм Пелистер, по што веќе можеше да се насети дека гостите не го кажале последниот збор. Домашниот тим не наметна ритам, не ја искористи домашната еуфорија ниту раниот црвен картон за Урош Митровиќ за да прекрши и барем на мотивација и на „ура“ да се обиде да победи вечерва.
Напротив, играа игра што повеќе му одговараше на противникот и немаа решение кога требаше нешто да се смени за да се избегне поразот.

Во домашниот тим во кој недостасуваше центарот Домен Тајник, вечерва беше речиси целосно неутрализиран најдобриот стрелец Филип Кузмановски кој мечот го заврши со само еден гол од игра и два гола од пенал од четири обиди. Настрана од тоа, не видовме ништо ново, ништо одиграно и во одбраната и во напад што заслужува пехарот да остане во Битола.
На спротивната страна, исто ништо посебно, но затоа поефективно. Димитро Хориха откако почна приказната „Има пасош – нема пасош“, „Скопје или Сегед“ не е веќе истиот играч. Вечерва со 1/3 индивидуален скор го заврши мечот. Но, во меѓувреме во лидер на тимот се издвои Јака Малус, вечерва 8/10. Тој го (по)влече Вардар 1961 напред. Милан Лазаревски можеме да констатираме дека ја врати формата за игра во напад по повредата, а сѐ подобро игра и Бразилецот Соуса, Милош Валах е во одлична форма на голот, па Иван Чупиќ имаше подобри карти во раката од колегата Стевче Алушовски.

И тоа почна да станува видливо уште во раната фаза на второто полувреме, односно по 10 минути игра, кога Вардар од 15-16, со серија од 3-0 премина во водство од 18-16. Последните адути домашните ги фрлија за да стигнат до 19-19, а потоа уште една серија од 3-0 за водство од 22-19 комплетно ги откажа битолчани од овој меч.
До крајот останаа нешто повеќе од пет минути во кои Вардар 1961 доминираше и стигна до победа од 27-22.


 

Поврзани вести